Филе: Време е ЕУ поцврсто да го прегрне Западниот Балкан

Европскиот комесар за проширување Штефан Филе вчера во Дубровник порачал дека дошло време ЕУ „поцврсто да го прегрне Западниот Балкан“. Тој се заложил за продолжување на процесот на проширување на Унијата.

 

„Процесот на проширување (на ЕУ) е најуспешниот трансформациски механизам. Време е поцврсто да го прегрнеме Западниот Балкан, рекол Филе во обраќањето на панелот „ЕУ интеграција на Западниот Балкан: Сличности и разлики“ во рамки на дветтиот „Кроација форум 2014“ во Дубровник.

 

Филе нагласил дека процесот на проширување не претставува „авто-пилот, туку со него мора да се управува“, нагласувајќи дека на ова прашање треба да се гледа како на „дел од решението, а не како на дел од проблемот, пренесоа медиумите.

 

Еврокомесарот признал дека во ЕУ се почесто гласно се говори за „замор од процесот на проширување“, за што, според него, една од причините е и тоа што Унијата веќе неколку години се соочува со економската и финансиската криза.

 

„Поради тоа процесот на проширување политички падна во втор план“, нагласи Филе.

 

На овогодишниот „Кроација форум“ учествуваат над 15 шефови на дипломатии од земјите од западен Балкан, ЕУ и членките на „источното партнерство“, претставници на Унијата, САД, Русија, Кина, Јапонија и Нов Зеланд, како и поголем број аналитичарии и јавни личности.