Филипче најави проект „Домашната посета“, а тој функционира од 2013-та

Мобилни тимови што ќе вршат домашна посета на жителите на селата планира да воведе министерството за здравство во соработка со министерството за труд и социјална политика, a пилот-проектот ќе се спроведува во Кочани, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

 Станува збор за мобилни патронажни сервиси на домашна посета, што како модел постои во развиените европски земји и веќе е докажан дека го подобрува пристапот до здравствената заштита во руралните средини. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните да добијат услуга во местото на живеење, односно да не патуваат во Кочани и другите поголеми центри, рече Филипче.

Ова беше најавено уште кон крајот на 2013 година, а и започна со функционирање веднаш по најавата. Проектот се состоеше од превентивни здравствени прегледи на повеќе од девет илјади стари лица во нивните домови, за што беа ангажирани 340 патронажни сестри, кои работеа во здравствените домови. Проектот се одвиваше низ цела Македонија, во 652 населени места распределени во 84 општини.

Во март 2017 година веќе имаше и бројки, односно што е направено за три години откако стартуваше примената на проектот.

Имено во периодот ноември 2013 година до март 2017 година биле посетени околу 250 илјади граѓани и бил откриен дијабет кај три до пет отсто  од посетените граѓани. Имало и новооткриени пациенти со зголемени маснотии или околу два проценти од посетените.

Во реонот на Здравствен дом Скопје, најчести дијагнози кои ги детектирале патронажните тимови се кардиоваскуларните заболувања, за кои на пациентите им биле дадени совети за практикување здрав начин на живот.

Инаку поектот „Домашна визита“ се спроведуваше согласно со препораките на Светската здравствена организација.