Македонија

Филипче нема проблем стоматолог да биде директор на Геријатрија, била добар менаџер

Филипче нема проблем стоматолог да биде директор на Геријатрија, била добар менаџер

Функцијата директор на Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Скопје веќе неколку месеци ја извршува Салија Љатиф која по професија е стоматолог, а пак директор на Институтот за ТБЦ, Предраг Божичковиќ по професија е гинеколог, меѓутоа овие позиции не се проблематични за министерот за здравство Венко Филипче, бидејќи двајцата биле добри менаџери.

Со двацата директори имам комуникација, не сум информиран дека не одговараат на прашањата согласно функцијата, но засега оставаат впечаток на добри менаџери. Успешно ја менаџираат работата. Со директоркатата на Геријатрија разговаравме и за имплементирање на некои нови методи во рамките на нејзината институција кои се однесуваат на негата на крајно тешките примени пациенти. Јас лично немам проблем со комуникација со овие двајца директори, ниту пак со некој друг директор од јавното здравство, рече Филипче.

Неофицијално пред оваа висока позиција, Љатиф работела како забен техничар во ноќна служба во поликлиника Битпазар, и нема ни ден работно искуство со високо образование, дознава „Нетпрес“.

Таа претходно била локален медијатор во рамки на проектот „Вклучување на жени од етнички заедници на пазарот на трудот”,  имплементиран од  Женска Граѓанска Асоцијација – АНТИКО од Скопје и CARE – Deutschland/Luxemburg  e.V, финансиран од Европската Унија. Во ИРИЗ работела како проектен координатор на проектите Медицински стипендии за Роми (RHSP), компонента застапување и медиумска промоција, финанисиски поддржани од OSF и REF,  имплементирани од ФООМ и „Политики за претприемништво во Република Македонија за надминување на Другоста кај Ромите”,  имплементирани од Центарот за економски анализи – ЦЕА во Скопје и ИРИЗ.

Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, пак од минатата година го раководи гинекологот-акушер  Божичковиќ, лекар од  приватна здравствена установа од  Куманово.

Во март годинава, како што пренесоа медиумите тој ја покажа својата нестручност за време на Светскот ден на туберкулозата – 24 март, кога  рече дека во институцијата се лекуваат 21 лице од 6 месеци до една година без поставена дијагноза на туберкулоза.