Филипинската армија објави победа над исламистите во битката за Марави

(Reuters: Romeo Ranoco)

Филипинската армија објави во понеделникот дека петмесечната офанзива против исламистичките групи кои го држеа јужниот град Марави е завршена.

Според армиското соопштение, војниците ги совладале последните упоришта на исламистите во центарот на градот со 200.000 жители, откако исламистичките команданти одбија да се предадат.

„Со уништувањето на овој, досега најсериозен обид да се рашири насилниот екстремизам и радикализам на Филипините и во регионот, ние придонесовме кон спречувањето на неговото ширење низ Азија“, изјави министерот за одбрана Делфин Лорензана.

Телата на 40-ина исламисти и две жени се најдени во две згради и џамијата во Марави кои беа послендото упориште на групата. Филипинската армија користеше артилерија и автоматско оружје во нападот.

Вкупно 920 исламисти, 165 војници и најмалку 45 цивили беа убиени во судирите кои траеа 154 дена, и честопати се претвораа во крвави борби од куќа до куќа низ градот Марави.

Повеќе од 300.000 жители на Марави и околните населени места се згрижени како бегалци.

Според филипинските власти, групата исламисти била поврзана со Исламската држава и планирала да го претвори целиот остров Минданао во база за идни дејствувања низ југоистична Азија, за што собрала огромно количество оружје и муниција.

Судирите во Марави избувнаа пролетва по нападот на безбедносните сили на засолниште во коешто наводно се криел Иснилон Хапилон, кого го сметаат за водач на Исламската држава за Филипини. За неговото ликвидирање или апсење САД распишаа награда од 5 милиони долари. Тој е воедно и еден водачите на исламистичката група Абу Сајаг, која на Филипини е особено специјализирана за грабнувања и откупи.