Филм за Пелистер на Битфест

Документарниот филм за Пелистер „Нашето чудо на природата – Пелистер“, по сценарио на Каролина Николоска, а во режија на Анета Шијакова, ќе биде промовиран утре во 19 часот на Битфест, во малата сала на Центарот за култура во Битола.

Филмот се фокусира на природните убавини на Пелистер, но и на неговата авантуристичка страна, претставувавјќи го како предизвик за секој човек да ги измери своите сопствени капацитети освојувајќи ја планинатата и црпејќи енергија од неа. Филмот ги нагласува одличните капацитети за планинарење, алпинизам и спортување. Публиката ќе има можност да се запознае со најубавите места на Пелистер кои беа и дел од конкуренцијата за нови светски чуда, места кои се силна инспирација за планинари и туристи од цел свет. Токму на Пелистер алпинистите се подготвуваат за освојување на највисоките врвови на светот, а Баба Планина има вистински алпски карактер, поедеднакво атрактивен како швајцарските алпи.

Филмот нуди една авантуристичка прошетка по падините на Пелистер се до врвот на 2.601 метар надморска височина. Дел од филмот е посветен на двете глечерски езера, наречени пелистерски или горски очи. Доказ дека убавината на овие две езера не е само бајка зборува и податокот што заедно со пештерата Врело и Охридско Езеро се ставени на листата за седумте чуда на природата.
Филмот ја пренесува и приказната за моликата, односно за Август Гризебах, првиот ботаничар кој ја посетил оваа планина во 1839 година и при тоа открил и опишал неколку нови, дотогаш непознати видови за науката. Всушност, најзаслужен за добивањето на статусот Национален парк е токму петтоигличниот бор молика од кој тука има стебла постари и од 230 години.

Покрај документарниот филм во рамките на истиот проект за промоција на Пелистер, снимени се и фотографии од атрактивни предели на планината. Од нив се продуцирани електронски разгледници за Пелистер со кои на промоцијата ќе биде организирана изложба, а истите ќе бидат поставени на интернет за слободно користење во функција на промоција на Пелистер низ светот.

Во 20 часот во Центарот за култура ќе се одржи манифестацијата „Незаборав“ посветена на Добри Ставревски, бард на македонската народна музика.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.