Филмска бркотница: Превртено „Ауди“ и повредени мигранти

Превртено возило „Ауди“ и осум повредени мигранти. Ова е епилогот од филмската бркотница меѓу полицијата и криумчарите на мигранти во близина на гевгелиското село Богородица.

Како што информира МВР, вчера во раните утрински часови, околу 05.30 часот од страна на мешовита полициска патрола, во реонот на село Богородица биле забележани три патнички моторни возила „Ауди“ сите со скопски регистарски ознаки.

Првото возило имало улога на „чистач“, додека во другите се превезувале мигранти. Во координација со друга патрола направен е обид за сопирање на возилата, кои на даден знак „Стоп Полиција“ не застанале и со голема брзина наместо кон Скопје продолжиле со движење кон Валандово, при што едното возило кај раскрсницата Брајковци-Пирава-Валандово излетало од коловоз и се превртело, при што возачот напуштил место на настан, а со повреди се здобиле осум мигранти, кои со две амбулантни возила се пренесени во градската општа болница во Гевгелија, каде им се констатирани телесни повреди.

Се работи за шест лица од Мароко и две од Пакистан.

Мешовитата патрола продолжила со следење на другиот автомобил по регионалниот пат Струмица-Штип и во близина на село Градошорци заедно со патрола од струмичката полиција било сопрено при што во возилото пронајдени се 10 илегални мигранти и тоа четири од Либија, две од Пакистан, три од Алжир и еден од Мароко, како и возачот З.Р.(28) од Скопје.

Третото возило не е пронајдено. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.