Филмскиот фестивал „Џифони“ завршува со хуманитарна акција

Утре, 12 октомври со почеток од 20:00 часот во кино Милениум се затвора уште едно успешно издание на Филмскиот фестивал за млади “Џифони Македонија”.

Богатата програма којa ја понуди фестивалот во изминативе пет дена на младите учесници од категориите +10, +13 и +16 години, им овозможи на интересен и забавен начин, да дознаат нешто повеќе за себе, за другите, за пријателството, филмот и културата воопшто.

Агенцијата за филм на Република Македонија и Здружението за ширење на филмската култура Џифони – М во рамките на фестивалот ги вклучуваат и децата од Домот без родители „11 Октомври“ кои во текот на утрешниот ден во зависност од возраста ќе се приклучат во следниве активности:

– дваесет и пет деца од Домот утре со почеток од 14:30 часот, бесплатно во киното Синеплекс ќе го проследат филмот „Exit Marrakech“ и

– дваесет деца од Домот утре со почеток од 9:00 часот, заедно со младите 10+ во Кинотеката на РМ ќе го проследат филмот „The Great Bear“.

Свеченото затварање освен што ќе биде посветено на младите кои се креатори на нашиот фестивал, нивните дела и самостојни креации создадени на работилниците во Џифони, тоа ќе биде и посветено на хуманитарна акција за децата од Домот без родители “11 Октомври”.

Младите дел од Џифони Македонија ќе ја покажат својата хуманост како највозвишена човекова особина преку донација на средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на своите дела и креации создадени во текот на петте фестивалски дена и преку самостојни донации.