Филмското творештво на браќата Манаки на фестивалот во Кан

Новоизбраниот директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ – Битола, Димитар Николов-Таки соопшти дека филмското творештво на браќата Манаки ќе биде претставено на фестивалот во Кан, пренесува МИА.

Фестивалот во Кан ги чествува сите браќа што придонеле за развојот на филмската индустрија во Европа од нејзиното постоење до денес, а со оглед дека опусот на браќата Манаки е од исклучително значење, и нивното творештво ќе биде пред светскиот и европскиот аудиториум во Кан, потврди Николов.

– Ние ќе направиме се за делото на браќата Манаки биде достојно презентирано на фестивалот во Кан. На тој начин ќе им оддадеме поголема меѓународна поддршка и почит на творештвото и активностите што како пионери ги имале браќата Манаки за филмската дејност во Македонија и на Балканот, истакна Димитар Николов-Таки, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.

Димитар Николов-Таки потврди дека во рамките на идејата „Битола филмски град“,  во моментов се врши избор на локации за снимање филм со меѓународна филмска екипа од три европски држави.

– Работам со италијанско-романско-бугарска екипа со која ќе снимаме филм што ќе се врши во текот на овој месец на локации во Битола и околината. Се надевам дека тоа ќе биде поттик за уште повеќе филмски екипи да дојдат во нашата држава, со што ќе придонесме Битола да има третман на вистински филмски центар не само во Македонија, туку  и во регионот, вели Николов.