Финална пресметка во Торино, Бенфика против Севилја

Денеска во Торино, со почеток во 20:45 часот, ќе стартува финалниот натпревар од годинашното издание на најмасовното клупско натпреварување, Лигата на Европа.

Најмодерниот стадион во Италија, популарната “Јувентус Арена” ќе биде домаќин на дуелот помеѓу претставниците на Португалија и Спанија, Бенфика и Севилја.

Португалскиот гигант втора сезона по ред го игра најважниот натпревар во ова клупско натпреварување, но за разлика од минатата сезона, избраниците на Жорге Жезус денеска посакуваат победничко сценарио и крај на проклетството наречено “Бела Гутман”.

Познатиот унгарски тренер во 1962 година добил неочекуван отказ откако побарал да му биде зголемена годишната плата.

Откако ја напуштил клупската просторија Гутман посакал Бенфика во следните 100 години да не освои ниту еден трофеј на европската сцена.

Од тогаш па се до 2013 година, Бенфика има одиграно седум финални натпревари, пет во Лигата на шампиони и два во Лигата на Европа, но нема победено на ниту еден натпревар.

“Бенфика има посилен тим во споредба со тој од претходната сезона, но тоа не значи дека сме фаворити во дуелот против Севилја. Добро знаеме колку е силен и квалитетен шпанскиот претставник. Севилја е клуб со блескава историја и јас не гледам фаворит во финалниот натпревар. Пет години работам на овој проект и ова не е ништо случајно. Ова е награда за напорната работа. Мислиме само на финалниот натпревар и сите сме убедени дека ќе славиме во Торино”, изјави предводникот на Бенфика, Жорге Жезус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.