Finance Think: Нула странски инвестиции во вториот квартал, економијата замрзната

Економијата во Македонија во вториот квартал од 2017 година се намали за 1.8 отсто споредено со истиот квартал од 2016 година. Во поголем дел од овој период, економијата остана „замрзната“: домашните инвеститори речиси целосно се воздржаа од развојни активности, а влез на нови странски инвеститори речиси и немаше, проценува Finance Think во најновата анализа.

Поради овој тренд Finance Think ја ревидира надолу проекцијата за растот на бруто домашниот производ (БДП) за годинава на 0,8 отсто, одразувајќи го ризикот околу брзината со која новата влада се враќа на патеката на структурните реформи.

Оваа значајна надолна ревизија на БДП е одраз и на повисокиот пад на економијата од очекуваниот во вториот квартал годинава, како и на застојот во реализацијата на капиталните инвестиции, понатамошната воздржаност на потенци јалните странски инвеститори и отсуството на амбициозна и структуирана економска цел и програма во моментов, оценува овој институт за економски истражувања и политики.

Бруто инвестициите се намалиле за 19,9 проценти. Истовремено, во отсуство на владин импулс, капиталните инвестиции, особено оние во крупната инфраструктура, се реализираа со значително забавено темпо. Градежништвото се намали за 17,3 отсто.

Паралелно на ваквите движења на економијата, стапката на невработност забележа понатамошно благо намалување за 0,3 процентни поени, до 22,6 отсто, кое главно се должи на исцрпувањето на ефектите од вработувањата во фабрките кои веќе беа воспоставени во економијата.