Финансиска полиција поднесе кривична за Никола Тодоров

Поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров е осомничен дека со несовесно работење во службата го оштетил буџетот за над 3,5 милиони денари, информираше Управата за финансиска полиција.

Финансиската полиција поднесе кривични пријави против Тодоров, како и против П.В., поранешен раководител на Единицата за имплементација на Проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи при Министерството за здравство .

Пријавата се однесува на договори склучени од страна на Министерството за здравство во текот на 2010 година, по претходно спроведена постапка за јавна набавка. Министерството склучило договор за изведување градежни и градежно – занаетчиски работи за ЈЗУ Општа болница – Куманово, ЈЗУ Општа болница – Кочани и ЈЗУ Општа болница – Крива Паланка, со изведувачот „Конструктор Инженеринг“ Ад Сплит.

Првопријавениот Т.Н. како министер за здравство и второпријавениот П.В. како одговорно лице на проектот имале обврска да ги почитуваат законските прописи и процедури, согласно склучениот договор имале обврска да ја следат реализацијата на проектот, да постапуваат согласно правата и обврските во договорот, да ги почитуваат условите и роковите наведени во договорот, како и да го следат текот на изведбата како и сите настанати проблеми при изведбата на градежно- занаетчиските работи на објектите, а притоа да ги почитуваат позитивните законски прописи и да се грижат за имотот и Буџетот на Министерството за здравство, појаснуваат од Финансиската полиција.

Осомничените и покрај тоа што биле запознаени и свесни за ненавременото и неквалитетно извршување на работите од страна на изведувачот „Конструктор Инженеринг“ во текот на 2011 година, не преземале активности за активирање и наплата, како и не побарале продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција во износ од 3.813.000,00 денари за навремено и квалитетно извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот „Конструктор Инженеринг“.

Поради неисполнување на обврските од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година, Министерството за здравство го раскинало договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг Ад Сплит. За довршувањето на работите за реконструкција на Општа болница – Крива Паланка, биле спроведени нови постапки по јавни набавки и биле склучени договори со други изведувачи.

Според Финансовата полиција, со пропуштање на активирање на банкарската гаранција и други службени дејствија, пријавените Т.Н. и П.В. несовесно постапиле во извршувањето на своите овластувања и должности, со што го оштетиле Буџетот на Министерството за здравство односно државниот Буџет за износ од 3,813 милиони денари и на ваков начин го сториле кривичното дело „Несовесно работење во службата“.