ФИНКИ: Предлогот на Штуловиот универзитет е добра основа за поквалитетно образование

Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ Димитар Трајанов го поддржа предлогот на Штуловиот универзитет за унапредување на високото образование и студиските програми на македонските универзитети да бидат компатабилни со најдобрите европски и светски универзитети, пренесува МИА.

Тој оцени дека предлогот е добар и значи добра основа на која понатаму може да се гради поквалитетно високо образование. 

– Тоа би значело дека студиските програми што ги имаме ние треба да соодветствуваат на некој начин со тоа што се учи на најдобрите европски и светски универзитети. Во таа насока сметам дека идејата е добра и тоа ќе води кон подобрување на квалитетот на високото образование во Републка Македонија,  изјави попладнево Трајанов.

Сепак, нагласи тој, треба да се земат предвид и спецификите на одредени професии. – На пример, кај техничките науки најверојатно 60-70 проценти можеме да ги преземеме предметите, меѓутоа треба да се земе предвид и спецификата на македонската индустрија за да се додадат соодветни предмети согласно со потребите на македонското стопанство, рече деканот на ФИНКИ.

За другите професии, смета Трајанов, најверојатно тој процент ќе биде различен и ќе се утврди преку преговори и дискусии меѓу факултетите и Министерството, за да се најде соодветен процент кој ќе одговара и најдобро ќе го претставува соодносот со кои ќе бидат преземени студиските програми од најдобрите светски универзитети.

– Ќе го вградиме она што е карактеристично за нашето поднебје односно за нашата индустрија и општество во дадените студиски програми, додаде Трајанов.