Финскиот пасош е највреден, авганистанскиот на последно место

Меѓународната консултантска компанија „Хенли&Партнерс“ го објави својот „Виза Рестрикшн Индекс“ за 2014 година, односно листа на земјите во светот според слободата на патување на нивните граѓани, објави МИА.

Компанијата врз основа на анализа на визната политика на сите држави во светот изработува листа на слобода на движење во други држави.

Во регионот најмногу корист од поседување на пасош имаат граѓаните на Словенија. Како и минатата година Словенија се задржа на 12. место, а граѓаните може слободно да патуваат во 160 држави, од вкупно 219 во светот.

На второ место во регионот е Хрватска, чии граѓани без виза може да патуваат во 138 држави и се наоѓа на 22 место на листата. Србија е на 35 место со 107 држави за кои не се потребни визи, а Македонија со 106 се наоѓа на 36 место на „Хенли&Партнерс“ листата.

Босна и Херцеговина се наоѓа на 42 место, а граѓаните слободно може да патуваат во 95 држави во светот.

Последна држава на листата е Авганистан, чии државјани слободно може да патуваат само во 28 држави. Пред нив се Ирак, Пакистан и Сомалија.

На врвот на листата се Финска, Германија, Шведска, Велика Британија и САД, чии граѓани може да патуваат слободно во 174 држави.

Според податоците на „Хенли&Партнерс“ 62 проценти од светската популација на патувањето во 2014 година требало да извади виза, што е пад од 15 проценти во однос на 2008 година. Вкупно 19 проценти од светската популација на своите дестинации стигнале без визи, додека 16 отсто можеле да добијат виза при пристигнувањето.