Фирма најевтино се отвора во Македонија, а најскапо во Италија

Тие што намислиле да почнат бизнис и да отворат фирма во европска земја ќе поминат најевтино во Македонија, а најскапо во Италија, анализира „Дневник“.

Исто така, административната процедура најкратко ќе ја завршат во земјава, а најмногу време ќе им треба во Шпанија, покажува споредбената анализа на податоци од извештајот „Дуинг бизнис“ на Светската банка и истражувањето на Европската комисија.

Според истражувањето на Европската комисија за времето и трошоците потребни за отворање фирма во земјите-членки, во рамките на Европската Унија финансиски најисплатливо е да се отвори фирма во Словенија, бидејќи за тоа нема трошоци, а најскапо е во Италија каде се потребни 2.100 евра. Процедурата за отворање фирма најбрзо се завршува во Данска, Полска, Холандија, Италија и Португалија и трае еден ден, а најдолго се чека во Шпанија, каде што за регистрација се потребни 17,5 дена.

Македонија не е дел од оваа анализа на ЕK, но според податоците на „Дуинг бизнис“ земјава е на прво место во Европа според можностите за почнување бизнис. Односно, во Македонија за отворање фирма нема трошоци, а целата процедура се завршува во еден чекор, електронски, за помалку од еден ден.

Во поглед на трошоците за отворање фирма, на Македонија единствено ~ конкурира Словенија, каде што, исто така, нема административни давачки. Но, во Словенија основачкиот влог за фирмата мора да се плати при самата регистрација, а во земјава минималниот основачки влог, кој изнесува 5.000 евра, може да се плати во рок од една година.

На европско ниво, меѓу поевтините земји за отворање фирма се Велика Британија, каде што процедурата чини 30 евра, Бугарија, Ирска, Франција и Данска.

Освен Италија, во групата најскапи се Луксембург, каде што отворањето фирма чини 1.100 евра, и Грција, каде што за тоа се потребни 910 евра. По Шпанија, процедурата е најдолга во Шведска, каде што трае 16 дена, и во Чешка, каде што се завршува за еден ден помалку.

Според директорот на Централниот регистар, Ванчо Kостадиновски, напредокот на Македонија во оваа област е нотиран во последниот извештај „Дуинг бизнис“, каде што земјава е најдобро рангирана во Европа, според можностите за почнување бизнис. Од почетокот на март, регистрацијата на фирми во земјава се врши исклучиво електронски.

„Накратко, во Македонија отворањето фирма се прави во еден чекор, без никакви трошоци и со процедура што завршува за помалку од еден ден, односно во просек трае околу 4 часа. Ова се референции што освен за нашите граѓани се важни и за странските инвеститори бидејќи тие прво го гледаат овој дел при планирањето на своите инвестиции. Реално сум задоволен што системот функционира во пракса бидејќи реформите, се безначајни ако се прават само на хартија“, вели Kостадиновски.

Во земјава има околу 80.000 активни фирми, а дневно се поднесуваат барања за отворање 25 до 30 нови компании. Годишно во Македонија се отвораат околу 6.500 нови трговски субјекти. Kостадиновски вели дека со примената на новиот систем со кој регистрацијата се врши само електронски, пораснал и бројот на поднесените барања за нови фирми.

Електронската регистрација на фирма во земјава ја користат и странците, кои не мора да доаѓаат во земјава за да отворат своја компанија. Последен таков случај била новоотворена фирма во Македонија регистрирана од Тајван.