Фирма основна пред една седмица го доби милионскиот бизнис за полагање возачки во Скопје

Авто-испитен центар Скопје, сега ќе го работи тоа што беше работа на АМСМ во изминативе десет години, а лиценцата за работа, штотуку отворената фирма ја добила од Министерството за внатрешни работи на 14-ти август, објави телевизија Алфа.

Фирмата „Авто-испитен центар Скопје“ била отворена само седум дена пред МВР да го распишат јавниот конкурс за ангажирање фирма за полагање возачки испити. Според податоците од Централниот регистар, „Авто-испитен центар Скопје“, е друштво формирано на 19-ти јуни  2018 година. МВР, пак, јавниот конкурс за избор на фирма која ќе врши полагање возачки го распишале на 25 јуни, една недела по отворањето на фирмата.

Според одлуката на Министерството, штотуку основаната компанија победила на тендерот, па од игра неофицијално биле исфрлени АМСМ, АСУЦ Боро Петрушевски, ПСС и Ауто Македонија.

„Авто испитен центар Скопје“ доби милионски бизнис бидејќи во наредните пет години тие ќе бидат единствените што ќе спроведуваат теоретски и практични тестирања за возачки испити. Од овој бизнис во град со над 700.000 жители, годишниот обрт достигнува и до милион евра, а познавачите велат дека фирмата стара седум дена до распишување на огласот, годишно може да има заработка и над 300.000 евра.

https://www.youtube.com/watch?v=m-dY9jeWbEs

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.