Фитнес центар на отворено во село Драчево

Во непосредна близина на ОУ „Св. Климент Охридски” во селото Драчево, се поставени повеќе фитнес реквизити-вратила, разбои, клупи, справи наменети за обликување на различни делови од телото, кои ќе им овозможат на сите љубители на спортот, бесплатно да вежбаат и да го  развиваат спортскиот дух, да го подобрат својот здравствен статус и подобро да си го организираат слободното време.

Општина Кисела Вода за овој проект од својот буџет издвои околу 230. 000 денари.

Пред две седмици, во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски”, беше пуштено во употреба ново повеќенаменско игралиште, изградено од страна на Агенцијата за млади спорт, како дел од владиниот проект  Изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта“ и кое овозможува услови за тренирање кошарка, мал фудбал и ракомет.

Претходно, општината инвестираше во обнова на покривот на  спортската сала на училиштето што говори за сериозна посветеност на оваа локална самоуправа да овозможи на секого вежбањето да му биде неизбежен дел од секојдневниот животен ритам.

Дечињата од селото Драчево, пак,  добија ново детско игралиште во месноста Дупки. Лулашки, клацкалка, вртелешка и лизгалка, на простор заграден од двете страни, постави фирмата “29 Ноември”,  за што општина Кисела Вода издвои од својот буџет 115 000 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.