ФК Вардар: Ајде да ја исковаме првата златна ѕвезда над логото на Вардар!

Предизвикот да се биде секогаш најдобар и пример за сите останати, со себе неизбежно го носи бремето наметнато од императивот, кое на својот грб можат да го понесат само вистинските шампиони. Низ годините што минаа Вардар е пример дека успешно може да се носи со тоа бреме и секоја година да биде уште подобар и поубедлив во остварувањето на својата цел – да се биде најдобар во Македонија.

По успешно пребродените бурни времиња, кога воскресна како „Феникс“ над сопствената пепел, по освојувањето на титулите во минатите првенства, најтрофејниот македонски фудбалски клуб со полно раширени едра викендов ќе „заплови“ низ пролетната полуетапа, во Првата лига, со малку поинаква мисија од претходните години.

Претстојните три месеци од фудбалската пролет во елитното друштво на домашното поднебје, со право би можеле да го понесат епитетот на историски. Тоа е така зашто сме на чекор до нешто за што досега никој немал шанса ни да сонува – освојување на десеттата клупска титула во историјата.

Вардар има пет бода предност на челната позиција на табелата, а низ наредните 14 кола ќе биеме битка за одбрана на шампионскиот трон и освојување на јубилејната круна во нашата богата клупска историја!

Откако беспрекорно ги одработија зимските подготовки во Анталија, откако на тест-натпреварите покажаа дека успешно може да се носат со екипи од многу посилните европски лиги, нашите јунаци во својот нов и модерен тренинг камп ги одработуваат завршните тренинзи, во пресрет на вистинските предизвици. Со сета почит кон останатите конкуренти, избраниците на Гоце Седлоски се подготвени уште на дуелот в недела со Ренова, да покажат дека во манир на вистински вардарци, до последниот атом од силите ќе се борат за остварување на зацртаната цел!

Но, големината на еден клуб не се мери само според бројот на добиените натпревари, спечалените бодови или освоените трофеи. Душата на нашиот Вардар отсекогаш била и ќе остане неговата верни армија на поддржувачи и симпатизери! Токму Вие наши почитувани навивачи, низ сиве речиси цели седум децении, со Вашата победничка песна придонесовте Вардар да биде поголем и од најголемите, а сепак да остане доволно мал за да може за навек да си го чувате во Вашите срца.

Затоа ве повикуваме и оваа пролет заедно да го испишеме најновото поглавје од нашата „црвено-црна“ бајка. Со здружени сили да ја исковаме првата златна ѕвезда над логото на нашиот клуб, како симбол за десетте титули, кои да се надеваме дека ќе продолжат да се множат и низ годините што допрва следат. Патот нема да биде нималку лесен и на нашите фудбалери несомнено ќе им биде потребна вашата несебична поддршка. Преку фер и коректното навивање од полните трибини и ним ќе биде полесно да го придодадат јубилејниот шампионски пехар, во и онака богатото црвено-црно азно.

Ве покануваме уште в недела, на дуелот со Ренова, да дојдете во што поголем број на трибините, да им дадете ветер во грбот на Грне, Шиле, Тане, Николче, Пача, Попов и останатите… и сите заедно да бидеме сведоци на едно ново историско поглавје на клубот кој уште во „златната“ 1987 година со чист образ ја донесе првата титула во нашите витрини.

Тогашни вардарови победи беа инспирација за обединување на македонскиот народ, а сегашниве да се обидеме да ги претвориме во позитивна енергија и верба дека и нашиот Вардар може да успее во Европа, да биде рамо до рамо со останатите големи имиња на Стариот континент.

За да успееме и за работата да биде барем малку полесна за нашите фудбалери, потребни сте Вие на трибините. Секако, зашто победите се послатки кога има со кого да се прослават.

Вардар е ВЕЧЕН!

Еден Живот Една Љубов

Објавено на сајтот на ФК ВАРДАР