Македонија

Фламингоси на Охридско Езеро

Фламингоси на Охридско Езеро

Група македонски и албански туристи, во крајбрежниот дел на Охридското Езеро, во близина на Поградец, деновиве направиле фотографија од јато фламинга, јавува ohridnews.com

flamingoСпоред она што може да се види на фотографиите, птиците слетале во поплиткиот дел од езерото и бараат храна.

Според научниците, кои се занимааваат со проучување на птиците во Република Македонија, ваква појава до сега не била евидентирана на Охридското Езеро.

„До сега јата на фламинга биле забележани на Преспанското Езеро, но таков податок немаме за Охридското Езеро, но тоа не значи дека вакви птици воопшто не слетале на ова езеро. Јас не се сеќавам, но можеби во Природно научниот музеј во Струга има податок за птицата фламинго на Охридското Езеро, но не верувам дека има фактографски податоци за тоа колку единки биле и од каде дошле. За Преспа има детални фактографски податоци за фламингата, на пример во кое време се забележани, колкаво било јатото и слично,“ вели проф. д-р Бранко Мицевски од Природно математичкиот факултет од Скопје, кој има објавено голем број на научни трудови од областа на орнитологијата.

Тој објаснува дека фламингата се хранат со одредени видови на планктон и на езерата слетуваат само по храна и не се вгнездуваат.

Во рамки на научните написи на интернет може да се прочита дека розовото фламинго е најраспространет вид од фамилијата на фламингата. Се среќава во делови од Африка, јужна Азија и јужниот дел на Европа, вклучувајќи ги Шпанија, Албанија, Турција, Грција, Кипар, Португалија, Италија, Франција, а се среќава и во Македонија.

Некои популации на фламинга се преселници на кратко растојание и се среќаваат посеверно од вообичаениот опсег. Овие птици живеат во мочурливи предели и плитки крајбрежни лагуни со солена вода.