„Фолксваген“ ќе го замени софтверот во 11 милиони возила

По мега скандалот, германската компанија „Фолксваген“ соопшти дека ќе го замени софтверот во речиси 11 милиони возила, кој дава лажни информации за вредноста на издувните гасови.

Компанијата по обелоденувањето на информациите призна дека во речиси 11 милиони нивни возила вградиле софтверски трик, затоа што тоа било мошне поевтина варијанта од тоа да се работи на изградба на мотор со такви карактеристики.

Новиот извршен директор на компанијата Матијас Милер изјави дека во следните неколку дена клиентите ќе бидат информирани како ќе се изврши тоа, пренесува МИА.

Според аналитичарите тоа може да ја чини компанијата повеќе од 6,5 милијарди долари.

Американските законодавци побараа од компанијата да им бидат доставени документи, поврзани со скандалот со манипулирање на податоците, вклучително документација за развојот на програмата, што дозволува без проблем да се минуваат тестовите за емитување на штетни гасови.