(ВИДЕО) Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и годинава традиционално доделува 40 нови стипендии, и тоа 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при УКИМ за учебната 2014/2015.Стипендијата изнесува 6500 денари во текот на 12 месеци. Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми.

„И оваа година доделуваме 40 нови стипендии, а со тоа бројот на стипендии кои Фондацијата „Трајче Мукаетов“ ги доделила до сега е 304 стипендии и тоа 159 од Фармацевтскиот факултет и 145 од Медицинскиот факултет. Од студентите кои ги добиле стипендиите, 103 студенти по Фармација дипломирале, а од Медицина дипломирале 72 .Од овие стипендисти 24 се во редовен работен однос во Алкалоид при што годинава освен што ги доделуваме овие 40 стипендии, доделуваме еднократна парична награда во износ од 1200 евра во денарска противредност, за најдобрите студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет,“ истакна претседателот на УО на Алкалоид, Живко Мукаетов.

Првенецот на генерација од Фармацевтскиот факултет Бисера Степановска која до сега беше стипендист на Фондацијата „ Трајче Мукаетов“, својата професионална кариера ќе ја започне во „Алкалоид АД“ Скопје, од 1 ноември, во одделот Фармација.Најдобар студент на Медицинскиот факултет е Александар Јовановски. И двајцата ќе добијат еднократна парична награда.

Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулеванова истакна дека Фондацијата со овие стипендии претставува важен мотив за студентите и истата придонесе просекот на студентите кои аплицираат низ годините да е подобар.

„Годинава имавме 27 апликанти, со утврдената методологија по која работиме со години наназад и која е усогласена со УО на Фондацијата.Направивме ранг листа, ја презентиравме пред УО и донесена е одлука од студентите кои редовно запишаа петти семестар или трета година да се стипендираат 15, а од студенти кои редовно запишаа четврта година или седми семестар ќе се стипендираат пет што е вкупно 20 студенти,“ изјави Кулеванова.

Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски изјави дека имаат долга соработка со Алкалоид, односно од самото формирање.

„Наградувањето на најдобрите студенти претставува голем стимул за развојот и поддршката на најдобрите кадри што се создаваат во нашиот здравствен систем,“ изјави Јанкуловски.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува стипендии на најдобрите студенти од трета и четврта година од Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при УКИМ од 2007 година.Фондацијата е основана во чест на Трајче Мукаетов, кој на чело на Алкалоид АД Скопје застана во 1985 година, а главно обележје во неговиот мандат е интензивирање на растот и развојот на компанијата во водечка фармацевтска компанија во регионот.