„ Фондот се грижи за хроничните болни “ се одвива според планираното

Реализацијата на проектот на Владата на Република Македонија, „ Фондот се грижи за хроничните болни “ и најновите резултати од јавувањата на вработените од Фондот во насока на грижа за хронично болните кои досега контактираа 19.214 осигуреници со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања, се одвиваат според планираната динамика.

Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија соопштија дека од досегашното искуството на 10 тима на вработени во Фондот кои ги контактирале осигурениците во овој период од три месеци, со задоволство констатираат дека продолжуваат да наидуваат на позитивен прием кај осигурениците кои ги контактираат.

Иако од досегашните јавувања се чини дека осигурениците се запознаени со тежината на нивното заболување и имаат основни информации за својата терапија, начинот на исхрана и животен стил, сепак, посочуваат од Фондот, неколку осигуреници кои иако знаеле дека имаат болест, не биле сигурни какви се последиците од ненавременото одење на лекар и примање на соодветна терапија. Сепак, по укажување од вработени од ФЗОМ, овие осигуреници се согласиле посовесно да се однесуваат кон своето здравје и да ги слушаат препораките на лекарите.

Од Фондот инфомираат дека осигурениците поттикнати од јавувањата на нивни вработени се интересирале и за други права од здравственото осигурување, кои се во надлежност на Фондот, како што се: остварување право на ортопедски помагала, право на медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување и бараа дополнителни информации за лекови на позитивната листа.

Тимовите се составени од вработени од поголемите подрачни служби како што се: Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес, Прилеп и Куманово. Тие се јавуваат на осигурениците со трите хронични заболувања да ги потсетат кои прегледи треба редовно да ги прават, да ги информираат за комплексноста на заболувањето, со цел да се стопира можната прогресија на болеста, стои во соопштението од ФЗОМ.