Фондот за здравствено осигурување на услуга на пензионерите

Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева Змејкова денеска се сретна со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски, пренесе „МИА“.

На средбата присуствувале и претседатолот на Комисијата за здравство во Сојузот на пензионери Стојан Стефановски и членот на УО на ФЗОМ – претставник од Сојузот на пензионери, Илија Глигоров.

Тема на разговор, соопшти ФЗОМ, беше утврдување на потребите на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, нивните идни планови и прецизирање на соработката со Фондот за здравствено осигурување во 2014 година.

Претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, како што се наведува, информирале за тоа кои теми се од посебен интерес за пензионерите, лекови без доплата на товар на Фондот, проектот за електронска здравствена картичка и превенцијата како нов голем проект на Фондот.

Взаемно е утврдено дека од голема корист на членовите на Сојузот на пензионери ќе биде да се организираат едукативни работилници со едукатори од Фондот под наслов „Фондот за здравствено осигурување на услуга на пензионерите“. Овие едукативни работилници се планира да се одржуваат на територијата на цела Македонија во текот на цела 2014 година.

Распоредот и форматот на овие едукативни работилници ќе биде наскоро утврден и усогласен меѓу Фондот и Сојузот на пензионери и сите заинтересирани ќе бидат навремено информирани за времето и местото на одржување на едукативните работилници за пензионерите. Фондот продолжува со практиката да остварува редовни директни средби со здруженијата на граѓани за да се изнајдат најдобрите начини да се унапреди квалитетот на здравствени услуги согласно потребите на самите пациенти и осигуреници, стои во соопштението од ФЗОМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.