Фондот за здравство го додели 10.000-тиот ваучер за ин витро

Фондот за здравствено осигурување на 03.01.2017 го додели 10.000-тиот ваучер за ин витро. Осигуреничката е на 43 годишна возраст од Скопје, со иницијали С.М.М.

Со сите наши расположливи капацитети, ја реализираме нашата цел  да им излеземе во пресрет на сите барања на осигурениците кои сакаат да имаат деца, а имаат потешкотии да го остварат тоа. До денес 13.01.2017 година, откако е воведен овој проект од 2008 година, Фондот доделил 10.101 ваучери за ин витро. Визијата на Фондот за здравствено осигурување на Македонија се задоволни осигуреници. Нашите заложби се на планот на ин витро да работиме уште понапорно и да им овозмозиме на осигурениците кои по природен пат не можат да добијат дете, својот животен сон да го остварат преку методот на ин витро.

Постапката за ин витро како право, за прв пат е овозможена на товар на Фонд во 2008 година, по пат на рефундација на средства, а од 2010 година, осигурениците по одобрување од Фондот, добиваа ваучери.

Бројките за овој проект на Владата се во нагорна линија од година во година и тоа: во 2013 година, од 1075 барања за ин витро со комплетна документација, Фондот позитивно решил 1039 барања. За 2014 година, од 1166 барања со комплетна медицинска документација, Фондот позитивно решил 1060. Во 2015 година, од 1598 нови барања, позитивно се решени 1341, а за 2016 година од вкупно 1862 нови барања, Фондот позитивно решил 1588 барање.

Со задоволство можеме да информираме  дека динамиката на остварување на  програмата за ин витро, која претставува врвен приоритет за Фондот, ги надмина дури и нашите најоптимистички очекувања, како според бројот на брачни двојки  опфатени со оваа постапка, така и според брзината и ефикасноста на нејзината реализација.

Трендот на зголемување на бројот на ваучери се должи на неколку новини кои Фондот и државата во континуитет ги овозможуваат за осигурениците, како што е новината од 01.01.2014 за овозможување ин витро на товар на Фондот за второ дете. Следната новина беше овозможување и право на ин витро за трето и четврто дете  од 28. 12.2015 година, како и новината партиципацијата која изнесуваше 6,000 денари да биде на товар на Фондот за користење здравствени услуги во постапките за ин витро (БПО) за добивање  прво, второ, трето и четврто дете, а не на осигурениците, така што услугата за ин витро стана комплетно бесплатна.

Зголемувањето на бројот на одобрени ваучери е евидентен и за второ дете во 2016година каде што го имавме одобрено 189-тиот ваучер за второ дете, во 2015 година изнесуваше 146. За трето дете годинава одобривме 10-тиот ваучер и за четврто дете 1 ваучер.

Здравствените установи кои вршат БПО услуги, а кои имаат склучено договор со Фондот во 2017 година се: Плодност од Битола, Др. Оргаџински од Штип, Ре-медика од Скопје, Ултрамедика од Скопје, Моја болница од Скопје, Аџибадем Систина од Скопје, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Гинеко медика од Скопје и Инанна систем (Њуборн клиник) од Скопје.

Сите потребни обрасци, упатството за начинот на остварување на правото на БПО на товар на ФЗОМ и сите други информации се објавени на ВЕБ страницата на ФЗОМ www.fzo.org.mk