Форбс: Ангела Меркел и понатаму доминира помеѓу жените

Германската канцеларка Ангела Меркел петта година по ред е прва на листата 100 најмоќни жени на светот, објави Форбс.

Веднаш зад Меркел се најде поранешната шефица на американската дипломатија Хилари Клинтон, која минатата година беше шеста, додека на третото место е Мелинда Гејтс, сопруга на основачот на “Микрософт”, Бил Гејтс. Претседателката на Централната банка на САД, Џенет Јелен падна од второ на четврто место, а првите пет најмоќни жени ги заокружи Мари Бара, генерална директорка на “Џенерал Моторс”.

Потоа на листата следуваат Кристин Лагард, директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), претседателката на Бразил, Дилма Русеф, Шерил Сендберг, оперативна директорка на Фејсбук, па Сузан Војчички, директорката на Јутјуб и Гугл, а како десетто пласирана се најде првата дама на САД, Мишел Обама.

“Ангела Меркел во декември 2014 година го освои третиот четиригодишен мандат на чело на најдинамичната земја во Европа”, образложија од Форбс и додадоа дека канцеларката ја победила националната рецесија во периодот на светската економска криза, а сега се обидува на секој начин да ја помогне грчката економија.

На овогодишната листа има 19 нови имиња, меѓу кои и американската пејачка Тејлор Свифт, која со 25 години е најмлада на овој список.

Меѓу 100-та најмоќни жени има осум претседателки на држави и петнаесет милијардерки.