„Форбс“: Македонија е на 31 место во светот за правење бизнис, највисоко рангирана од сите балкански земји

На официјалниот сајт на престижниот финансиски магазин „Форбс“ објавен е извештај за најдобрите земји за водење бизнис. Македонија оваа година е рангирана на 31 место меѓу 146 земји, што претставува подбрување од 5 места во однос на 2013 година, кога нашата земја се најде 36-то место и подобрување од шест места во однос на 2012 година. Исто така, Македонија е највисоко рангирана од сите балкански земји.

Магазинот секоја година ја составува листата според неколку критериуми, односно според остварените резултати на земјите во поглед на сопственичките права, иновациите, даночното оптоварување, технологијата, корупцијата, слободата (лична, трговска и монетарна), бирократијата, заштитата на инвеститорите и ефикасноста на пазарот на хартии од вредност.

„Од осамостојувањето во 1991 година Македонија направи значаен напредок во либерализацијата на економијата и во подобрувањето на бизнис климата,  но во однос на Регионот изостануваа странските инвестиции. Невработеноста постојано сеуште е на високо ниво, околу 30 отсто од 2008 ма година, но овие податоци може да се преценети поради засилената сива економија, за која се смета дека изнесува од 20 до 45 отсто од БДП, што не е опфатено во официјалните статистики“, стои во описот на „Форбс“.

Од земјите во регионот, подобро рангирана од Македонија е само Словенија на 14. место. Зад нашата земја се Бугарија на 42. место, Црна Гора на 48, Хрватска на 46, Грција на 51, Турција на 50, Албанија 51 место. Во втората половина на листата се Босна и Херцеговина и Србија, кои го делат 84-то место.

-Македонија ја одржа макроекономската стабилност за време на глобалната финансиска криза, со спроведување на разумна монетарна политика, одржувајќи ја домашната валута и лимитирање на фискалниот дефицит. Владата ја ослободува фискалната политика, а буџетскиот дефицит во 2013 година достигна 4.2% од БДП. Македонија достигна скромен раст на БДП во 2013 година, а инфлацијата е под контрола, наведено е во описот.

Македонија најдобри резултати постигнала во бирократските процедури, за што е рангирана на 3. место, во монетарна слобода се наоѓа на 6. позиција, а во заштитата на инвеститорите е ставена на 21. место. Во однос на даночното оптоварување Македонија е рангирана на 7-то место, пазарни перформанси на 17-то место, трговска слобода на 41-то место, додека за технологија на 61 место.