понеделник, 5 декември 2016  |  Вести денес: 13

„Форбс“: И покрај политичката криза, Македонија напредува со реформите

„Форбс“ ги наведува и бројните инвестиции во индустрискиот сектор, вклучително и од американски производители на автомобилски делови, и сето тоа го припишува на поволната бизнис клима.

forbs-640x294

Последни вести

Американското економско списание „Форбс“, по интервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, објави и репортажа за, како што велат, „прагматичниот и силен прозападен водач на партија која го поддржува бизнисот“ во која се најавува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на претстојните избори во декември.

Според „Форбс“, овој изборен резултат ќе значи дека уште една балканска држава ја потврдила својата прозападна насока, по исходот на изборите во Црна Гора.

– Ќе победиме на претстојните избори. Политичката криза и наштети на економијата, но и покрај тоа успеавме да задржиме позитивна насока во индустрискиот раст и во економијата во целина. Водиме разговори со нови инвеститори кои ги паузираа или откажаа своите одлуки поради политичката криза. Сега сите, и домашните и странските фактори, сакаат кризата да заврши, и таа ќе заврши во декември, вели Груевски за „Форбс“.

Списанието оценува дека Македонија успеала да привлече капитални инвеститори, како мексиканскиот милијардер Карлос Слим, кој преку Телеком Австрија Груп учествувал во окрупнувањето на македонскиот телекомуникациски пазар. Репортажата на „Форбс“ е илустрирана токму со фотографија на Груевски и Слим пред Владата на Република Македонија. „Форбс“ ги наведува и бројните инвестиции во индустрискиот сектор, вклучително и од американски производители на автомобилски делови, и сето тоа го припишува на поволната бизнис клима.

– Во текот на изминатата деценија Македонија стана поповолна за бизнис од која било од БРИКС земјите. Македонија надмина и половина од западно-европските држави, а да не зборуваме за нејзиниот јужен сосед, пишува „Форбс“, кој прави споредба на бизнис предностите на Македонија и „јужниот сосед“ Грција, за која вели дека е рекордно задолжена држава.

Во репортажата се оценува дека политичката криза која отпочна во 2015 година била слична на повеќе други политички нарушувања, како настаните во Бразил и Украина, кои им нанесоа огромна економска штета на државите во кои се случија, доведоа до губење на илјадници работни места и уништија политички кариери.

– Опозициските партии се обидуваа да ги искористат овие политички кризи, а тоа го направија и македонските социјал-демократи, СДСМ, кои ги одложуваа изборите во обид да купат време и да си го подобрат рејтингот. Но, изненадувачки, македонската економија остана позитивна и се очекува да се зголеми за 2,2 проценти во текот на оваа година, а веќе порасна за 7 проценти во последните две години, и покрај тоа што државата беше преплавена и со милион бегалци кои поминуваа на пат кон Австрија, Германија, Шведска и другите западно-европски дестинации, додава Форбс.

Списанието го цитира Луц Ромејер, менаџер во инвестициската банка Ландесбанк Берлин, кој вели дека, покрај политичката состојба, Македонија успеала да пласира еврообврзница од 450 милиони евра за стапка од 5,6 проценти. – Македонија покажа дека земја со политички превирања сепак може да продаде еврообврзница и да привлече инвеститори, вели Ромејер.

Како главен критериум за привлекување на инвестиции, Форбс ја наведува ниската и рамна даночна стапка, која со вообичаените даночни олеснувања се сведува на 7,4 проценти. – Но, има и други поволности. Извештајот Дуинг Бизнис за 2016 година ја пласираше Македонија пред сите БРИКС држави, како и пред Италија, Франција, Германија и сите балтички држави и на второ место зад Нов Зеланд, во леснотијата да се започне бизнис. Земјата претходно беше пласирана на 94 место. Капиталот оди таму каде што може најефикасно да се употреби, заклучува Форбс во репортажата објавена ден пред да излезе и најновиот Дуинг Бизнис извештај на Светската Банка, во кој Македонија успеа дополнително да го подобри својот рејтинг и да влезе меѓу десетте најповолни дестинации во светот.

Списанието наведува дека аферата со прислушувањето влијаела неколку американски компании да се откажат од плановите за инвестирање во Македонија, но сепак, во 2015 година, компанијата Лир од САД најавила отворање на фабрика за автомобилски текстил како дел од нивната стратегија да го запрат производството во Мичиген. Потоа, Џонсон Контролс најавил отворање на трета слична фабрика во Македонија. – Имавме проблеми со нашиот капацитет за производство во Европа, и поради тоа спроведовме темелна анализа за тоа каде да инвестираме. На крајот заклучивме дека треба да инвестираме во Македонија, вели Вили Ван Лој, глобален директор во Џонсон Контролс, во разговор со Форбс.

Форбс го цитира и Тилман Так, од консултантската фирма Мекинси и Компани од Берлин, според кого економскиот развој на Македонија ја зацврстува нашата прозападна ориентација. – Македонија е растечка економија. Потенцијалот за развој и понатаму ќе биде повисок во споредба со другите држави во Европа. На Македонија не и е потребна Русија, освен единствено за набавка на нафта и гас, а дури и тоа може да се смени со изградбата на Транс-Јадранскиот гасовод кој ќе донесе азербејџански гас преку Турција и Грција до Албанија и Италија. Македонија може да ги искористи и интерконекциските гасни врски меѓу Грција и Бугарија. А во меѓувреме, нејзината географска близина до Европа и поволниот даночен систем може да бидат доволни за да се развива, и евентуално да стане полноправна членка на Европската Унија”, вели Так, додавајќи дека економскиот раст не е зависен од државното трошење, туку од повеќе фактори. – Македонија има здрав економски раст, кој се должи на странските инвестиции и на подобрувањето на трговската размена.

Најчитани вести