Форензичарите демантираат: Авионот на „Иџипт Ер“ не е соборен од експлозија

Шефот на египетската форензичака служба денес ги демантираше извештаите дека прелиминарната истрага на телата, пронајдени по падот на авионот на египетската авиокомпанија „Иџипт Ер“ во Средозменото море, укажува дека во леталото дошло до експлозија по што авионот паднал, пренесува „Танујг“, повикувајќи се на МЕНА.

Се што е објавено во врска со тоа е целосна невистина и обични претпоставки што не потекнуваат од форензичката служба, рече шефот на службата Хешам Абдел Хамид, пренесува Ројтерс.

Медиумите денес ја пренесуваа исјавата на експертите за форензика дека човечките делови на телата, најдени по падот на авионот укажуваат дека во леталото дошло до експлозија по што авионот паднал.

Тој експерт е дел од египетскиот тим истражувачи и лично ги прегледал останките од телата на жртвите во мртовечницата во Каиро, а побарал да остане анонимен, затоа што не е овластен да изнесува детали, пренесува агенцијата АП.

Тој наведе дека сите 80 пронајдени делови од телото, што се однесени во Каиро се мали и дека нема нит еден целосен дел од тело, како што е рака или глава.

Единствено логично објаснување е дека во авионот дошло до експлозија, заклучи тој.

Авионот „Иџипт Ер“ со 56 патници и 10 членови на екипажот што леташе на релацијата Париз – Каиро се сруши минатиот четврток во Средоземното Море.