Формирана коалицијата помеѓу ПДК и ЛДК на Косово

Лидерите на Демократската партија на Косово (ПДК) Хашим Тачи и на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа денеска во Приштина го потпишаа договорот за коалиција, со кој е предвидено Мустафа да биде новиот премиер на Косово, а Тачи вицепремиер и министер за надворешни работи, јавува МИА.

По потпишувањето на договорот Тачи изјави дека приоритети на коалицијата ќе бидат економскиот развој на земјата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и борбата против тероризмот.

Тој вети дека оваа коалиција ќе создаде услови за делување на опозицијата и сите сегменти во општеството.

Мустафа истакна дека коалицијата ќе работи за доброто на Косово и решавање на проблемите со кои се соочува земјата на патот на евроинтеграциите.

За денеска на пладне е закажана конститутивна седница на косовскиот Парламент, на која ќе биде избран претседател и раководството на Собранието.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.