Формирано ново здружение на заштита на правата на уметниците „МИП“

Поради големото незадоволство кај најголемиот број на музичките изведувачи и произведувачи на фонограми околу досегашното остварување на заштитата на нивните права кои произлегуваат од Законот за авторски и сродни права на Република Македонија, од страна на повеќе еминентни музички изведувачи како и произведувачи на фонограми чии фонограми се најемитувани е формирано Здружението за заштита на правата на уметниците музичките изведувачи и произведувачите на фонограми „МИП“ и на 13.12.2016 до Министерството за култура е поднесено барање за добивање на дозвола за колективно управување .

Со повторното губење на дозволата, Здружението “Македонска Музичка Индустрија- ММИ” кое досега ја извршуваше оваа дејност, повеќе од една година музичките изведувачи и произведувачите на фонограми немаат никаква заштита на нивните материјални и морални права со што трпат ненадоместлива штета.3

Општа констатација кај најголемиот број на музички изведувачи и произведувачи на фонограми е дека организацијата која по втор пат ја губи дозволата поради работење спротивно на позитивните законски прописи и против интересите и на штета на оние во чие име работи, ја нема нивната доверба и во иднина неможе и несмее да ја извршува оваа дејност.

Градење на нова позитивна и конструктивна клима на полето на заштитата на правата на уметниците музичките изведувачи и произведувачите на фонограми и вистинска валоризација на нивниот труд е целта на новоформираното Здружение за заштита на правата на уметниците музичките изведувачи и произведувачите на фонограми „МИП“.

МИП е основано со цел да води културна политика и позитивно да влијае врз крајните корисници на фонограми, а со тоа и врз целокупната домашна музичка сцена и медиумски третман на домашното творештво.

Ги повикуваме сите носители на права кои се заинтересирани да пристапат кон новата организација за колективно управување на правата на уметниците музичките изведувачи и произведувачите на фонограми да го дадат својот придонес и активно да учествуваат во работата на МИП.

Исто така, апелираме до надлежните во дадениов случај Министерството за култура на Република Македонија во пократок рок да спроведе постапка согласно на Законот за авторските и сродните права и позитивно да одговори на поднесеното барање за издавање на дозвола со што би се намалиле штетите од досегашното извршување на оваа дејност, а би се овозможило нормално функционирање на заштита согласно позитивните законски прописи.

Очекуваме, за што и покренавме иницијатива да оствариме заедничка средба во Министерството за култура на која нашите преставници ќе дадат пошироко објаснување за сите неопходни чекори се со цел да се заштитат правата на уметниците музичките изведувачи и произведувачи на фонограми што е и суштината на Законот за авторските и сродните права.