Формула на супстанција слична на агенсот употребен во Солсбери е објавена во САД во 1998-та

© AP Photo / Matt Dunham

Русија поседува документи коишто укажуваат на тоа дека во САД се развивал нервниот агенс кој британските власти го нарекоа „новичок“ употребен на 4-ти март во јужниот англиски град Солсбери врз поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, за што Велика Британија и нејзините западни сојузници ја обвинуваат Русија, пренесуваат во неделата руските медиуми.

Москва од почетокот на случајот негира дека има каква и да е поврзаност со овој напад со нервен агенс кој британските власти го нарекоа „новичок“. Агенсот, како што тврди еден од неговите главни творци кој денес живее САД, бил создаден во времето на Советскиот сојуз и според него само Русија е способна да го произведе. Ова доjде како западен одговор на руското потенцирање дека на развивање ваков агенс работеле пред три децении и Велика Британија, Шведска, Словачка и Чешка, а можеби и САД.

Началникот на лабораторијата за хемиско-аналитичка контрола при научниот центар на министерството за одбрана, Игор Рибалченко вели дека уште во 1998 година руските специјалисти откриле во спектралната библиотека на Националното биро за стандарди на САД сведоштва за органофосфорни супстанции кои имаат „силни смртоносни дејствија“.

„Сега се објаснува дека, судејќи според називот на оваа супстанција, станува збор токму за ‘новичок’, односно А234“, изјави Рибалченко во вечерната програма на каналот Россия-1.

Тој истакнува дека соединението било внесено во базата на податоци од страна на Центарот за хемиски истражувања и развој на американската армија. Документите кои наводно ги потврдуваат неговите тврдења, Рибалченко ги покажа во студиото во текот на програмата „Неделна вечер со Владимир Соловљев“.

„Најинтересниот детаљ од оваа сторија е што во следните верзии на базата на податоци – тие (Американците) обично ја ажурираат и цело време се надополнува со сѐ повеќе и повеќе супстанции – овој запис не го пронајдовме“, рече рускиот експерт истакнувајќи дека не може да објасни „каде исчезнал“.

Руската научна заедница, исто така, смета дека формулите објавени во книгата на рускиот хемичар Вил Мирзајанов, кој емигрирал во САД, овозможува синтетизирање на такво соединение „во која и да е подобро опремена лабораторија“.

Професорот Леонид Ринк, руски научник од Студената војна претходно оваа седмица призна дека помогнал да се создаде нервниот отров „новичок“ во времето на Советскиот сојуз, додека Москва тврди дека името намерно е измислено од британската влада за да асоцира на руско. Сепак, Ринк вели дека овој напад не изгледа како работа на Москва, бидејќи отровот е толку силен па жртвите би биле убиени во истиот момент.

„Со оглед на фактот дека учесниците во инцидентот се живи, тешко да се претпостави дека Русите се вклучени во тоа“, рече научникот, додавајќи дека таквата некомпетентност на сторителите е смешна и неприфатлива. Според него, дури и необразован руски напаѓач не би користел уникатен руски производ и со руско име, а да се користи нешто толку моќно, а во исто време да не се оствари целта е „врвот на глупоста“.

Ринк рече дека во времето на Советскиот сојуз работел во фабрика за хемиско оружје, каде што бил развиен воениот нервен отров, кој на Запад бил наречен „новичок“. Запрашан дали бил еден од креаторите на овој нервен отров, тој одговори: „Да, тоа беше основа на мојата докторска дисертација”. Додаде дека технологијата на развојот на „новичок“ им била позната на многу земји, и дека тоа го знаат Британија, САД и Кина, кои можеле да произведат верзија на нервниот агенс.