ФОТО:10.000 бели рози за поубаво Скопје

Првиот ден на пролетта во Скопје беше одбележан со засадување на 10.000 рози под мотото„Македонија земја на цвеќето – Земја на розата“.

Во зеленилото покрај булеварот Видое Смилевски Бато во општината Аеродром, рози денеска засадија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и градоначалникот на општината Аеродром, Ивица Коневски.

rozi1

„Градот Скопје активно се вклучи во оваа голема еколошка акција за засадување рози. Познато е дека розите се растенија кои имаат најголема апсорбирачка моќ на тешките метали од почвата, па со оваа акција освен што ќе се разубави просторот, ќе придонесеме и за поздрава и почиста животна средина. На повеќе локации низ Градот Скопје ќе се засадат вкупно 10.000 рози од кои 7.000 рози обезбеди Град Скопје, а 3.000 рози се донација од Цементарницата Усје. Дел од розите ќе бидат засадени во средишното зеленило на булеварите, во парковите, на кружните текови и на другите јавни зелени површини. На терен ќе работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“. Сакам да апелирам до граѓаните да ги чуваат засадените рози и да не ги оштетуваат“, рече денеска градоначалникот Трајановски.

rozi2

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова, нагласи дека во оваа активност се вклучуваат сите општини во Република Македонија, бизнис-заедницата и граѓаните.

„Оваа година пролетта ни доаѓа порано, на 20 март, и ни отвора одлична можност за почнување на ваква масовна акција за засадување рози во цела Македонија и за зачувување на животната средина. Верувам дека во годините што доаѓаат оваа акција ќе расте, ќе станува помасовна и ќе привлекува се поголем број партнери“ рече Лепиткова.

rozi3

Акцијата за засадување бели рози на јавните зелени површини е дел од традиционалната градска манифестација „Денови на пролетта-Денови на екологијата“ и во наредните денови ќе продолжи и на останатите скопски улици, булевари и паркови.