Свет

ФОТО: 16 жртви на снежната бура во САД

ФОТО: 16 жртви на снежната бура во САД

Интензивните снежни врнежи, силниот ветар и екстремно  ниските температури, кои го погодија североисточниот дел на САД, однесоа најмалку 16 животи.

Повеќето од жртвите настрадаа во сообраќајни несреќи по лизгавите коловози, една жена заболена од Алцхајмеровата болест се смрзнала откога одлутала од својот дом, а еден работник беше затрупан со куп сол, наменет за расфрлање по патиштата.

Спасувачките тимови во Њујорк и Бостон патролираат по улиците во потрага по бездомници, кои би можеле да се смрзнат.

Првата голема зимска бура оваа година донесе ниски температури и силни ветришта. Бурата зафатила делови од Нова Англија, вкучувајќи го и Бостон, кој се подготвува за снег кој што би требало да достигне и 30-тина сантиметри.

Гувернерите на Њујорк и Њу Џерси прогласија вонредна состојба и ги замолија жителите да останат во домовите бидејќи североисточниот дел на САД го зафати големата снежна бура, по што се одложени или откажани илјадници летови.

Поради снежната бура досега во САД се откажани околу 2.500 летови, а 7.000 се одложени. Најмногу се погодени аеродромите во Чикаго. Затворен е и меѓународниот аеродром „Џон Кенеди“ во Њујорк, а најдраматична е ситуацијата во државите Масачусетс, Њујорк и Њу Џерси.

Затворени се и училиштата, не работат многу јавни и трговски организации. Гувернерот на Масачусетс објави неработен ден за државните службеници. Снежната покривка во Масачусетс изнесува и над половина метар.

Метеоролозите очекуваат дека во следните денови температурите би можеле да паднат на минус 23 степени Целзиусови и оти ветрот би можел да достигне силина од 50 километри на час, а се предвидуваат и нови снежни врнежи.