сабота, 25 март 2017  |  Вести денес: 24

ФОТО: Адреналин, убавина, возбуда- Чудесната авантура во Македонија

Чудесни карпи за искачување, непрегледни височини за прелетување, планини за велосипедски трки, мото-крос патеки. Работ на Пелагонија, или Прилепско-крушевскиот регион нуди неповторлива убавина, предизвик и авантуризам, за искачувачите по карпи (болдеристите), за параглајдеристите, велосипедистите, за авантуристички настроените туристи, пишува МИА.

mk-avantura

Поврзани вести

Чудесни карпи за искачување, непрегледни височини за прелетување, планини за велосипедски трки, мото-крос патеки. Работ на Пелагонија, или Прилепско-крушевскиот регион нуди неповторлива убавина, предизвик и авантуризам, за искачувачите по карпи (болдеристите), за параглајдеристите,  велосипедистите, за авантуристички настроените туристи, пишува МИА.

 

Природата преку цела година ги привлекува „трагачите по возбуди“ како што, не ретко, сами се нарекуваат овие спортисти и вљубеници во авантурата.

Ако го запрашате искусниот параглајдерист Миле Јованоски, за чие семејство животна определба и прва љубов е параглајдерството, недвосмислено ќе рече: Овде природата била премногу дарежлива. Тоа го препознаваат и светските параглајдеристи.

Излетиштата на Мечкин Камен, Крушево и кај Трескавец, Прилеп, се светски препознатливи за искусните параглајдеристи за прелети, за нови рекорди. Атрактивноста на македонските терени, пред  сѐ, околината на Крушево и Прилеп, носи голем број туристи во годината. Само минатата година поминаа преку 2 500 параглајдеристи. И тоа, поради куп-натпреварите, се задржуваат повеќе од една или две недели, вели Јованоски.

 

mk-avantura2

Над 100 болдеристи од Балканот и Европа, минатитот месец се собраа на фестивалот „Крали Марко болдеринг“ по шести пат и ги споделија предизвиците од искачувањето на карпите околу Трескавец. За прв пат возбудата беше голема и кај учесниците, и кај набљудувачите за одењето по лента над бездна од 30 метри. Велосипедистите, пак, македонски и балкански, две години го истражуваат Мариово и она што им го нудат недопрената убавина и дивина. Ќе има многу посетители, вели Слободан Трајковски, од скопскиот велосипедски клуб „Вело Европа“.

Многу показатели укажуваат на тоа дека авантуристичкиот туризам во прилепско е во постојан раст. Уште првата година кога почнавме да го организираме фестивалот „Мариово фор експирианс“ имавме 100 гости, за минатата година да имаме 800 со тенденција годинава да стигнеме до бројка од 1000 учесници, и тоа да биде само еден викенд во Мариово, објаснува Трајковски.

mk-avantura3

 

Спортските друштва и локалните власти во Прилеп и Крушево препознаваат дека овој регион „душа дал“ за авантуристички туризам. Уверени се дека секоја година може да привлечат не само повеќе спортисти, туку и туристи што го отвори патот за авантуристичкиот туризам. Наголемо се подготвија за првата западно-балканска конференција за активен туризам чиј домаќини се Охрид и Македонија.

Здружението „Форум за авангардна креативност“, напорно работеше на проектот „Адвенчр туризам офис“. Проектот предвидува материјал за Прилеп како атрактивна дестинација за авантуристички туризам. Идејата произлезе од светскиот тренд за развој на овој вид туризам, но и од понудата што ја има Прилеп како најдобра во регионот, посебно во последниве години со планинскиот велосипедизам, болдерингот, параглајдерството, мото и велосипедските тури. Ќе се отвори и „Инфо центар“. Со овој проект, регионот како атрактивна дестинација се претставува на конференцијата во Охрид. Овие спортови годишно носат над 30 000 туристи, вели Снежана Ристеска, советник за култура во приелеската локална самоуправа.

И Крушево сака да се пофали со гостите-параглајдеристи и со туристичкото портфолио.

Последните неколку години Крушево е атрактивна туристичка дестинација за авантуристички туризам, пред се, за развој на параглајдеризмот. И оваа година ќе се одржат две европски првенства во змејарство и параглајдерство. Во вкупниот број ноќевања, овие луѓе учествуваат со 50 насто. Минатата година имавме повеќе од 15 000 ноќевања од параглајдеристите-гости, вели градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески, пренесе МИА.

Природни убавини имаме бесценето, но колку сме подготвени уживањето во нив да го спакуваме за туристите како „Авантура во Македонија“?

Сериозни сме во активностите и намерите, смета Мирјана Македонска од УСАИД која го води проектот „Експанзија на мали бизниси“. Започна пред три години за промоција на Македонија за активен туризам.

mk-avantura4

Во 2014 година за прв пат донесовме 15 тур-оператори од Северна Америка да го видат потенцијалот на прилепско-крушевскиот регион. Ефектот беше голем, зашто минатите две години, овие тур-оператори носат тури од по 15 до 20 лица кои уживаат во убавините што ги нуди Македонија: културните, историските, природните убавини, активниот туризам. Најбитно за активниот туризам е што 60 до 70 насто од средствата остануваат за локалните економии, вели Македонска.

А што велат туризмолозите? Со големо искуство во планинскиот утризам, туризмологот Константин Циривири, член и на кластерот за туризам при Стопанската комора, вели дека ни претстои многу работа, посебно во анимирањето на човечкиот потенцијал и за брзо може да покажеме завидни резултати.

Секоја делегација која ја посетила Македонија, а која се занимава со авантуристички туризам, секогаш дава исти заклучоци: Не дека е овде убаво и просечно, ами дека е фантастично и „господ го обдарил ова поднебје со многу природни убавини“. Имаме природен потенцијал, наше е тоа да го искористиме во понудата за „Авантура во Македонија“. Луѓето во прилепскиот регион покажаа апсолутно голема иновативност и успеаја од неколку авантуристички активности да направат бренд препознатлив во светски размери. Зборувам за болдерингот, параглајдерството, а во поново време тоа се случува со велосипедските маратони. Луѓето имаат „сенс“ како треба да се работи. Се разбира, треба да бидат дообучени, согласно одредени стандарди на туризмологијата. Во однос на регионот во поглед на човечките ресурси сме рамо до рамо како брзорастечки атрактивни дестинации. Но потребно е да работиме на транспортот, сместувањето во приватни соби. Ако се додаде нашата традиционална  гостопримливост, за кусо време ќе може многу да напредуваме, а и да се приближиме до светскиот врв, објаснува Циривири.

 

mk-avantura5

За туризмолозите и за развојот на Авантуристичкиот туризам многу  е битна конференцијата во Охрид.

Конференцијата е од огромна важност за Македонија и ќе привлече 300 гости од регионот кои се заинтересирани за овој тип на туризам. Меѓу нив ќе бидат и 60 купувачи, тур-оператори од Северна Америка, западна Европа, од Азија кои ја гледаат македонија како интересна дестинација за активен Туризам. На конференцијата ќе бидат и над 25 претставници на медиуми, како национална географија, „Јаху травел“, „Лоунли планет“, „Њујорк Тајмс“, „Гардијан“, кои ќе може да искусат што може Македонија да понуди, нагласува Мирјана Македонска од УСАИД.

За спортистите, туристите, за параглајдеристите, искачувачите по карпи, за велосипедистите, предизвикот наречен „Авантура во Македонија“ одамна е отворен. Природните раскошни убавини на македонските предели се на дофат. Уживањето во нив и потребата да се освојата се нудат сите 365 дена. За тоа пресудуваат, велат искусните „трагачи по возбуди“ – желбата и авантуристичкиот дух во секого од нас.

 Елизабета Митреска за МИА

Најчитани вести