ФОТО: Американец пешачи по 33 километри за на работа

Американецот Џејмс Робертсон од Детроит веќе 27 години секој ден пеш минува по 33 километри за да стигне до своето работно место и назад.

Имено, уште од 1988 година кога се расипала неговата „Хонда Акорд“, 56-годишниот Робертсон планира да купи нов автомобил, но поради недоволните финансиски средства не можел да си дозволи таков „луксуз“.

Само мал дел од патот се вози со автобус, но за да стигне до фабриката во која работи и потоа назад до својот дом, секој ден пешачи за многумина неверојатни 33 километри. Проблемот е во тоа што никој од неговите колеги не живее во негова близина, а на крајот на работното време последниот автобус веќе е заминат, па тој мора да пешачи до својот дом.

Иако, признава дека е хронично ненаспан и уморен, Робертсон додава дека преку викендите се успева да надомести, а понекогаш спие и во автобусот.

Но, тоа наскоро би можело да се промени.

Имено, неговите колеги на интернет деновиве покренаа акција за собирање донации за купување автомобил за Робертсон. Првичната идеја била да се обезбедат 5.000 долари, но само за еден ден биле собрани повеќе од 135.000 долари и донациите продолжиле да пристигнуваат од час во час.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.