(ФОТО) Археолозите во Помпеја пронајдоа нова жртва на вулканската ерупција

Италијанските археолози открија скелет на маж загинат во ерупцијата на вулканот Везув во 79 година од нашата ера којашто го уништила древниот град Помпеја, кој секоја година го посетуваат повеќе од милион туристи.

Првичните резултати од истражувањето наведуваат на заклучокот дека се работи за маж, најновата жртва на ерупцијата откриена на овој археолошки локалитет, кого го погодил камен блок додека најверојатно бегал од вулканскиот пепел.

Скелетот е пронајден при последното археолошко ископување започнато во март годинава, на новата локација во Помпеја недалеку од Неапол. Останките му припаѓале на маж чијашто возраст се проценува меѓу 30 и 35 години чиишто ребра се здробени по падот на камениот блок, и најверојатно имал проблеми со едната нога.

Се претпоставува дека големиот облак од пепел и прашина го фрлил наназад, пред камениот блок најверојатно од рамка на порта, да му падне на градите. Првите наоди упатуваат и дека пател од болест на коските којашто му оневозможувала целосна подвижност и поради тоа најверојатно не успеал да побегне навреме. Научниците сметаат дека станува збор за сиромашен жител на Попмеја кому коскената инфекција која оставила траги дури и по две илјади години, му предизвикувала големи болки и го отежнувала неговото движење и бегство.

Археолозите досега утврдија дека куќите во регионот 5 во кој е најдена најновата жртва пропаднале два метра под тежината на вулканската пепел. Реконструирајќи ги последните мигови на овој маж сметаат дека тој предоцна се решил на бегство, но не успеал да отиде далеку, и оти морал на неколку чекори зад себе да слушнал застрашувачки силна бучава и оти можеби не успеал да се спротистави на искушението и да се сврти и да погледне кога бил погоден од камениот блок.

Сега претстои лабораториска аналиа, со систематско испитување на коските и ДНК за да се направи обид за реконструкција на оваа приказна со поголема сигурност. Директорот на локалитетот Масимо Осана оценува дека станува збор за „драматично и исклучително“ откритие, и дека тоа „ќе даде нов важен елемент во приказната на Помпеја“ и смета дека се работи за една од последните жртви на вулканската ерупција.

Кога Везув еруптирал, самиот град Помпеја и околните села се нашле закопани под слоеви пепел и поради тоа се зачувани. Археолошките истражувања се започнати во XVIII век, но и натаму археолозите пронаоѓаат скелети и други значајни артефакти.