ФОТО: Со голема тага се простуваме со Есма Реџепова

реџепова

На комеморативната седница присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерот за култура, Елизабета Канческа – Милевска, претставници на голем број институции, членови на семејството, како и повеќе пријатели, уметници и музичари.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, кажа дека денеска тука се оддава почит на кралицата на ромската музика, на националниот уметник, но и на една голема хумана личност, Есма Реџепова-Теодосиевска.

komemorativna-esma1

Градоначалникот Трајановски кажа дека со голема тага се простуваме со Есма Реџепова-Теодосиевска, голем човек и многу позитивна личност и хуманист.

Есма беше наша кралица на ромската и на македонската музика, но и кралица на хуманоста и една од најголемите претставници на Македонија во светот. Со голема тага можам да кажам дека изгубивме голем човек и сакам да го изразам моето сочуство до нејзиното семејство – кажа Трајановски.

komemorativna-esma2

Уметникот и директор на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, Зоран Џорлев кажа дека Есма Реџепова-Теодосиевска беше врвен естраден уметник над 50 години, јубилеј што ретко кој може да го оствари.

Таа беше неуморна на музичката естрада, како гласовен гениј од негуван во неприкосновен добродетел на врвна уметничка креација. Есма владееше со волшебниот клуч на комуникацијата, срцето, емоциите и страста, па така разгорени истите ги пренесуваше на публиката од Македонија, Балканот и од целиот свет. Таа со неподнослива леснотија ги интерпретираше ремек-делата на македонскиот и на ромскиот дух. Кралицата на ромската песна тоа го достигнуваше со маестралната изведба на гласот, нејзиниот глас излегуваше од дното на душата и со својата сила успеваше да ги расплаче и најтврдите срца – кажа Џорлев.

komemorativna-esma3

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и преостанатите присутни се потпишаа во книгата на жалост. Книгата на жалост ќе биде отворена за јавноста до среда, секој ден од  08:30 до 16:30 во холот на Салата на Советот на Град Скопје (ул. Илинден бр. 82, барака 13).

Есма Реџепова-Теодосиевска е родена во Скопје на 8 август 1943, а нејзината богата музичка кариера траеше над 55 години, во кои има одржано повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, а има издадено над 60 албуми. Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.

komemorativna-esma4

Есма Реџепова-Теодосиевска од граѓаните на Скопје 3 пати по ред беше избрана за член во Советот на Град Скопје (2005, 2009 и 2013 година).