ФОТО: Груевски на средба со заменик генералниот секретар на ЕПП

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денес се сретна со Заменик генералниот секретар на Европската Народна Партија (ЕПП), Кристијан Кремер, кој доаѓа од редовите на ЦДУ од Германија.

На средбата, како што соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ, било разговарано за имплементацијата на Договорот од Пржино и во насока на надминување на политичката криза, како и евро-атланските интеграции на Република Македонија.

Претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ги исполни своите обврски од Договорот од Пржино и дека партијата ќе продолжи со целосна посветеност да се спроведат сите обврски кои што произлегуваат од овој договор, вклучувајќи го и одржувањето на веќе договорениот датум за изборите на 24 април 2016 година. Груевски исто така додаде дека Законот за избори, каде што експлицитно се наведува 24 април 2016 како датум на одржување на изборите, е закон кој што беше изгласан едногласно во Собранието на Република Македонија, вклучувајќи ги и пратениците на СДСМ. За време на средбата Заменик генералниот секретар на ЕПП, Кремер, нагласи дека сите политички партии треба да се придржуваат до Договорот од Пржино, како и да направат се што е во нивна моќ за претстојните парламентарни избори да се одржат во најдобар ред, согласно сите меѓународни препораки и стандарди, се вели во соопштението.

gruevski-kremer1-640

Воедно на средбата станало збор за мигрантската криза и за предизвиците со кои се соочува Република Македонија. Кремер во текот на вчерашниот ден оствари посета на јужната граница и на мигрансткиот камп во Гевгелија и искажа пофални зборови за напорите на Македонија за справување со истата.

Неопходно и важно е земјата да го затвори ова поглавје на оваа политичка криза, а тоа може да го  направи само силна Влада која ќе се соочи со различните предизвици, како мигрантската криза и ќе работи на евро-атлантските интеграции.

Посетата е во организација на фондацијата Конрад Аденауер Стифтинг од Германија, која што е блиска до германската партија ЦДУ.