ФОТО: Груевски се сретна со шефовите на дипломатијата на Италија, Бугарија и Унгарија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на државите членки на Централната европска иницијатива (ЦЕИ), кој се одржува во Охрид, оствари поединечни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Република Италија, Паоло Џентилони, на Република Бугарија, Даниел Митов и на Република Унгарија, Петер Сијарто.

ungarija-mk500

Како што соопштуваат од Владата, премиерот со соговорниците разговарал за работата на Централно европската иницијатива со која моментално претседава Република Македонија. Тој ги реафирмирал приоритетите на македонското претседавање, како што се напредокот и интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија, како и економските приоритети поврзани со градбата на инфраструктурни проекти, развојот на туризмот, земјоделието и културата.

-На средбите се разговараше и за стратешките цели на Република Македонија, предизвиците со кои се соочува државата во поглед на политичката состојба и подготвеноста и отвореноста тие предизвици да се надминат, како и за можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу државите, соопштуваат од Владата.

sostanok

Груевски на средбата со министерот за надворешни работи на Република Италија, Џентилони, ја истакнал значајноста на поддршката на Република Италија која ја добива нашата земја на патот на евроатланските интеграции што е една од целите на Република Македонија кон која активно се работи.

gruevski-italija1

Премиерот воедно истакнал дека земјата е посветена на реализација на реформите чија цел е унапредување на стандардите во повеќе сфери и напредок во интеграциите, за што говорат и шесте последователни позитивни извештаи на Европската Комисија и нејзините препораки за почеток на разговорите за полноправно членство на нашата земја во Европската Унија. Тој посочил дека и покрај билатералниот спор со јужниот сосед кој е и пречка за напредок во интеграциите, државата продолжува со реформите и стремежот за полноправно членство во ЕУ и НАТО.

gruevski-italija

Соговорниците ги потенцираа добрите билатерални политички односи меѓу двете држави кои се проследени со нагорен тренд на економска соработка, при што премиерот Груевски истакна дека Италија е еден од најважните трговски партнери на Македонија и изрази посветеност за понатамошно интензивирање на економската соработка.

Груевски на средбата со Митов ја изразил определбата на Македонија за континуирано унапредување на добрососедските односи што придонесува за поинтензивна политичка и економска соработка во регионот.

mk-begarija1-500

Соговорниците разговарале и за работата на работните групи на министерствата за надворешни работи во врска со договорот за добрососедство помеѓу двете земји и ја истакнаа важноста од неговото донесување што би довело до нов позитивен момент во односите меѓу двете страни. Македонкиот премиер ја истакнал отвореноста на државата за соработка за проекти од интерес на граѓаните на двете држави, во областа на патната и железничката инфраструктура, како и интересот за зголемена економска соработка.

mk-begarija500

Премиерот и министерот за надворешни работи на Република Унгарија, ги потврдиле одличните односи меѓу двете држави, како и целосната поддршка која Република Унгарија ја дава за евроатланските интеграции на Република Македонија. Соговорниците истакнаа посветеност за понатамошно унапредување и продлабочување на односите на секое поле од заеднички интерес, потенцирајќи дека Централно европската иницијатива е добра можност и механизам за зголемување на севкупната билатерална и мултилатерална соработка.

ungarija-mk1-500

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.