(ФОТО и ВИДЕО) Мицкоски во Брисел оствари средби со европратеници и генералниот секретар на ЕПП

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Александар Николоски и членот на Извршниот Комитет Владимир Ѓорчев при посетата на Брисел, покрај средбите со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за проширување и добрососедски односи Јоханес Хан оствари средба и со европратениците Андреј Ковачев и Кнут Флекенштајн и Генералниот секретар на ЕПП Антонио Лопез Истуриз.

„На средбите со европратениците се разговараше за приоритетите на Република Македонија, а Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека стратешка определба на Република Македонија е членството во ЕУ и НАТО. Заложбите на ВМРО-ДПМНЕ за остварување на овие цели биле и ќе останат приоритет, информираат од партијата.

Тема на средбите беа и актуелните политички состојби во државата, при што европратениците како и Генералниот секретар на ЕПП беа информирани за политичкиот прогон кој се спроведува во Македонија. Детално беа образложени неоснованите обвиненија за тероризам и притворот на 6-те пратеници, што претставува 12 проценти од пратениците на Коалицијата предводена ВМРО-ДПМНЕ и 5 проценти од вкупниот број на пратеници.

„Посебен акцент на средбите со европратениците беше ставен и на економската клима и состојба во Македонија која според сите макроекономски показатели се наоѓа во катастрофална ситуација по доаѓањето на новата власт. Во дискусијата со Генералниот секретар на ЕПП Антонио Лопез Истуриз покрај политичката и економската состојба се разговараше за интеграцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Европската Народна Партија. Соговорниците констатираа дека ќе продолжи и ќе се продлабочи соработката и комуникациите на ВМРО-ДПМНЕ со народните партии во Европа“, се вели во соопштението.