ФОТО: Индијанецот од Широк сокак

Индијанска музика секојдневно се слуша на плоштадот Магнолија на Широк сокак во Битола. Пријатните звуци како да доаѓаат од Андите, а не од градот под Пелистер. Облечен во кожено руво, со пердуви на главата, Индијанецот Персиј Вилка Kарбархар (42) свири на стари инструменти и танцува. Вели дека има потекло од племето на Инките од Перу, Јужна Америка, а пред шест години неговата животна мисија, да ја промовира индијанската музика низ светот, го донела во Македонија.

– Имам индијанско потекло. Јас сум од потомците на Инките. Тоа е стара култура со голема историја. Моите предци верувале во богот на Сонцето, а јас тука, во Македонија, како да дојдов во земјата на сонцето. Го имате на вашето знаме, но имате и многу сончеви денови, кои будат оптимизам и пријатно чуство. Ова е мојот втор дом и тука музиката ми излегува од душата – ни рече на македонски јазик музикалниот Индијанец од Широк сокак.

Тој е член на групата „Инкаспирид“ или „Духот на Инките“, која ја сочинуваат талентирани музичари од Перу со индијанско потекло. Досега снимиле повеќе албуми со индијанска музика и пред повеќе години тргнале на пат низ светот и да го шират индијанскиот фолклор. Целта им била да го зачуваат од заборав, но и да заработат. Едниот од музичарите останал во Италија, другиот во Финска, третиот во Грција, а Персиј – кај нас во Македонија.

Без проблем го зборува македонскиот јазик

– Прво допатував во Скопје. Таму престојував три месеци, па во Охрид едно лето, Струмица, па дојдов во Битола. Во Македонија прво го научив јазикот, ме привлече балканскиот менталитет. Се чувствувам веќе како Македонец. Дури и многу другари од Македонија ми велат ти не си Персиј, туку Персеј, последниот крал на Македонците. Многу ми е мило што Македонците се отворени како народ, многу добри, без предрасуди и ме прифатија без проблем – раскажува Kарбархар.

Веќе две години престојува во Битола, а напладне и навечер подготвува музички настапи на Широк сокак. Поставува тезга на која ги изложува цедињата со индијанска музика, од кои дел негови авторски песни изведени со други колеги-музичари. Музика пушта преку цедеплеер и на разглас, па индијанската музика се шири низ плоштадот. Едно цеде е 200 денари, а промет му прават претежно туристите што ја посетуваат Битола. Облечен во индијанска облека, изработена од природни материјали, кожа и пердуви, тој е вистинска атракција за странците, кои се распрашуваат како стигнале Индијанци на Балканот.

– Во Битола има многу туристи, доаѓаат да ги видат Хераклеја, спомениците, градбите. Сум продал многу од моите цедиња. Ги привлекувам и со дувачки инструменти. Свирам на зампоња, инструмент останат од старо време, а направен од бамбус, кој расте на 5.000 метри надморска височина. Свирам и на ќена, инструмент што личи на вашиот кавал, но не е кавал. Вакви инструменти користеле Индијанците на времето – додава Вилка Kарбархар.

2DF3912B6E48C8438DB76B66F11A89D1

Индијанско – македонска вечер под чинарот

Пред неколку недели Индијанецот со битолскиот музичар Славко Спировски приредија несекојдневно музичко уживање под густите крошни на Чинарот, дрво за кое се верува дека е старо половина милениум. Два часа свиреа микс на македонска музика со индијански инструменти.
– Финансиската состојба не ми е многу сјајна. Но, се навикнав на ваков живот, не можам да се жалам. Мене ми е важно кога луѓето ме прифаќаат, тоа ми е храна – додава нашиот соговорник.

Не знае до кога ќе трае неговиот престој во Македонија. Вели: „С` додека има сонце да ме грее и поволен ветар да ја носи мојата песна низ градот со богата историја, кој сега првпат за свој жител има и Индијанец“.

 Извор: Дневник