ФОТО: Интерпол трага по пет македонски државјани

Петмина државјани на Македонија се бараат со меѓунаордна потерница на Интерпол. Четворица од нив се обвинети за сторени тешки кривични дела.

По еден трагаат полиции на две земји од Европската унија, еден е баран од американските власти, двајца бара полицијата на Албанија. Германската полиција, исто така, распишала потерници по двајца. Четворица од нив се Албанци, додека еден е Македонец.

Четириесет и деветгодишниот Џемши Дехари, роден во тетовското село Гајре, го бараат полициите на Германија и на Унгарија. Германската полиција го обвинува за три тешки кражби, секоја со земање на заложници.

Унгарската, пак, по него распишала меѓународна потерница поради обвинение за убиство и за неовластено поседување на огнено оружје и муниција. На потерницата на Интерпол нема податоци од кога се трага по ова лице.

Германската полиција, освен по Дехари, меѓунаордна потерница распишала и по Шпетим Битичи (45), роден во Скопје. Тој е обвинет за убиство.

Американската полиција распишала меѓународна потерница по триесет и шестгодишниот Ајро Акиф, роден во Ватербури, во државата Конектикат, САД. Тој е обвинет за неколку кривични дела – два напади од прв степен, два напади од втор степен, два напади од трет степен и две опасни загрозувања од прв степен.

Иако роден во САД, на потерницата пишува дека обвинетиот е државјанин на Македонија.

По триесет и осумгодишниот Фатмир Османи од Гостивар, трага албанската полиција. Тој е обвинет од властите во соседна Албанија за производство и продажба на наркотици.

Последен на листата е Васко Поп Гонов од Богданци. И по него меѓународна потерница распишала албанската полиција. Тој е обвинет за измама.

Интересно е што на интернет страницата на Интерпол, во делот на потраги, не е објавена ниту една потерница распишана од македонските власти. Кога се пребарува на страницата на Интерпол, и кога во пребарувачот ќе се пополни потрага од македонската полиција, дава резултат дека нема никакви податоци. Има само податоци за македонски државјани по кои трагаат разни земји.

Од МВР ни посочија дека меѓународните потерници се доставуваат до сите земји членки на Интерпол, преку заштитен комуникациски систем И-24/7  и од страна на Генералниот Секретаријат на Интерпол. Истите се внесуваат во базата на Интерпол за потраги по лица, до која сите земји членки имаат пристап.

Оваа база не е од јавен карактер. Меѓународните потерници се распишуваат по наредба на надлежните судови и јавни обвинителства, а досега од нивна страна не е побарано потерниците да се објават на јавниот сајт на Интерпол, велат од МВР.

На интернет страницата на македонското Министерство за внатрешни работи во делот потраги објавени се потерници по лица осомничени, обвинети или осудени за разни кривични дела, но не е напишано дали лицата се бараат само на територијата на земјава, или пак по нив има и меѓународна потрага.