Македонија

ФОТО: „Командант Талибани“ екстрадиран во Македонија

ФОТО: „Командант Талибани“ екстрадиран во Македонија

После повеќе од една година, екстрадициската постапка на 33 годишниот Метин Ислами од Скопје, познат како „Командант Талибани“, заврши со негово предавање на Република Македонија.

Како што информираат од МВР, Ислами со највисок степен на обезбедување, беше преземен од Косовската полиција на ГП “Блаце“ и согласно процедурите спроведен во КПД Идризово.

Метин Ислами минатото лето беше приведен на Косово во близина на Пеќ, откако претходно по него беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол заради издржување на казна затвор. Имено, по основ на правосилна судска пресуда од 2008 година, изречена во отсуство, Метин Ислами беше осуден на 15 години затвор за сторени кривични дела – „терористичка организација“  по член 394а од КЗ на РМ и за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Тој беше осомничен како еден од членовите на терористичката група, предводена од Лирим Јакупи – Нацист, којашто во ноември 2007 година во тетовското село Бродец беше разбиена во полициската акција „Планинска бура“. Во акцијата, при нападот врз полициските сили седумина терористи ги загубија животите, додека 12 беа приведени. Четири члена на групата предводени од Лирим Јакупи, меѓу кои и таканаречениот „Командант Талибани“, успеаа да избегаат на Косово.