ФОТО: Маглата предизвика карамбол, дваесетина повредени

Лошите временски услови изминативе неколку денови го направија своето. Густата магла и замрзнатите коловози беа причина за повеќе сообраќајни несреќи во рок од само 24 часа. За среќа во сообраќајките, од кои две се верижни жртви нема, но причинета е голема материјална штета.

volkovo-1

Верижен судир во кој учествуваа 19 возила се случи вчера изутрина околу осум часот на обиколницата кај Волково, на патот за Приштина. До несреќата дошло кога еден од автомобилите нагло закочил, по што возилото се изгасило. Повредени се 14 лица, а петмина од нив се префрлени на Ургентен.

volkovo2

volkovo3

Полициски џип истото утро излетал од автопатот  кај клучката Хиподром во Скопје и удрил во оградата. Од МВР информираа дека во возилото „форд транзит“ се превезувале припадници на полицијата, а повредена била сопатничката, која била пренесена во болницата „Св. Наум Охридски“ со телесни повреди.

Несреќа вчера изутрина се случи и надвор од Скопје. Четворица штипјани се повредени откако нивниот автомобил „ауди 80“ движејќи се по автопатот Велес – Катланово излетал од патот. Несреќата се случила околу 10 часот на еден километар пред Катлановскиот тунел. Веднаш по несреќата, четворицата патници, на возраст од 20 до 40 години се пренесени во скопската болница „Свети Наум Охридски“. Кај нив лекарите утврдиле набиеници по телото и по укажаната помош се пуштени на домашно лекување. Поради густата магла видливоста на автопатот Велес – Катланово е намалена на околу 30 метри, а дополнителен проблем за возачите е и влажниот коловоз.

katlanovo

Вчера попладне уште еден верижен судир се случи во скопската населба Кисела Вода. Три автомобили се судрија во близина на раскрсницата кај Рампа во Кисела Вода.

sudar

Најнова во низата незгоди е сообраќајката која се случи утринава исто така во Кисела Вода, на булеварот Крушевска Република, во близина на полициската станица. До несреќата дошло кога се судриле патничко моторно возило и комбе. Повредени нема, причинета е само материјална штета.

Покрај густата малга и лошите временски услови, една од најголемите причини за несреќите е и човечкиот фактор, односно сообраќајната некултура и несовесното однесување на возачите.