ФОТО: Македонката Симона е „Мис на Медитеранот за 2015 година“

Деветнаесетгодишната студентка од Скопје, Симона Станковска, изминатив викенд се закити со титулата „Мис на Медитеранот за 2015 година“, на изборот на убавина што се одржа на Кипар.

Изборот се одржуваше во елитниот хотел „Ројал премиум“ во Кирена, каде што беа сместени и учесничките на изборот.

-Пресреќна сум. Не е мала работа да се победи во конкуренција на медитеранската убавина. Верувам дека достојно ја претставив нашата Македонија, самата себе и екипата на Модното студио „Црнокрак“, на кои им благодарам затоа што цело време беа со мене и ми даваа поддршка во Кипар, изјави Симона веднаш по изборот, пренесе Утрински весник.

-Таа навистина блескаше во текот на целиот избор. Нејзиниот изглед и однесувањето навистина беа за пример на секое место и во секое време: на јавните настапи, снимањата, фотосесиите, прес-конференциите, но и за време на вежбите на кореографијата, посетите на културно-историските и туристички знаменитости на Кипар, спонзорите… и секако на финалната вечер. Тоа успеаја да го забележат членовите на жири-комисијата и да и’ ги дадат своите гласови на нашата Симона. За нејзината победата, освен круната и лентата, Симона доби и парична награда од организаторите, „Аја продукција“ од Бејрут, Либан, како и други вредни награди од спонзорите, информираат од Модното студио „Црнокрак“.

Ова не е прво учество и прва титула на Симона Станковска на интернационални избори за убавина. Како победничка на изборот за Мис на Македонија 2013 за „Мис глуоб“, истата година на ова светско натпреварување освои дури четири титули, меѓу кои и титулата трета придужничка.