ФОТО: Мaсовна посетеност на вечерашната трибина на ВМРО – ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа трибина во Крива Паланка. На трибината пред кривопаланчани се обратија вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристевски и Сашо Стефановски, директор на ФЗОМ. Како што пренесува „Курир“ граѓаните масовно ја посетија вечерашната трибина.

palanka500

– Секој кој се занимава со политика има амбиции да ја води државата, но многу е важен начинот како, а тука е главната разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Не е добро да се влезе во една битка без да се биде свесен за последиците кои ќе влијаат на граѓаните. Треба да се води сметка да не им се нанесе штета на граѓаните, а не само да се гледаат личните интереси. Тука е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и тоа многу поранешни гарнитури на СДСМ. Политиката базирана на добар говор и ветувања е минато. Добро е да се слушне се што се ветува, но треба да се води сметка за тоа што тоа му значи на секој граѓанин и што придонесува за него, рече Пешевски.

palanka-1500

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која ја базира својата политика врз принцип на отчетност, програма, реални проекти и одржан збор.

– Не постои човек кој изминатите осум-девет години не бил лично допрен од проектите на Владата и ВМРО-ДПМНЕ. Не тврдиме дека сме совршени, но она што е реално направено е неспорно. Не постои сегмент во кој нешто е направено, а да не е многу повеќе од сите поранешни гарнитури на СДСМ. Тука само ќе ги споменам социјалните групи, пензионерите, чии што пензии како никогаш досега освен што се исплаќаат редовно неколкукратно и беа зголемени. Направени се реформи во образованието и тоа во сите сегменти – основно, средно и високо. Социјалната помош ќе се зголеми за 10 проценти, а само во Кривопаланечко од почетокот на проектот за субвенции во земјоделството се исплатени околу осум милиони евра, рече Пешевски додавајќи дека тоа е реална политика, реални проблеми со конкретни решенија.

palanka-2500

Според него, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да се креираат политики и мерки сплотени една со друга кои придонесуваат за општо добро и развој на државата. Пешевски ги повика кривопаланчани да се потсетат како функционирале споменатите сегменти од општеството во времето на СДСМ.

palanka-3500

– Сами проценете дали е добро да се продава празна реторика или да се зафатите со решавање на проблемите на граѓаните, она што го прави ВМРО-ДПМНЕ. Овој период на криза е идеален за споредба помеѓу концептите на работа на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Изминатиот период СДСМ објави 30-ина „бомби“, додека ние понудивме над 60-ина реални мерки кои влијаат за подобрување на животот на граѓаните. Тие создаваат фама, страв и несигурност, а ние мерки за подобрување на животниот стандард. Тоа е разликата во нашата концепција, рече Пешевски.

palanka-4500

Пешевски рече дека ќе дојде период овие концепти да се судрат на избори, а народот е тој кој треба да одлучи кој владее добро.

Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ дефинираше нови политички стандарди во Македонија со пишана програма, проекти и отчетност и тоа е концептот со кој владее, додека СДСМ девет години е во опозиција, а не понуди никаква програма и никакво реално решение за ниту еден проблем на граѓаните.

palanka-5500

– Вие ќе го донесете судот. Бидете сигурни дека иднината на РМ е во сигурни раце и нека не ве колеба ништо. Бидете сигурно во ова и вашиот суд бидејќи на крајот секако Македонија ќе победи, пораќа Пешевски.

Заменик-министерот за образование Спиро Ристовски рече дека особено задоволство му е да говори за тоа што се е направено во секторот за образование бидејќи образованието е ден од врвните приоритети на Владата на РМ.

palanka-6500

– Основен фокус е реформата на образованието во РМ. Ние мора да го градиме сопствениот развој како држава на ниво на знаење, а тоа може да го направи народ на кој му е овозможена пристапност до образованието од страна на институциите и Владата. Во изминатите години во североисточниот регион се инвестирани над 180 милиони денари за подобрување на инфраструктурните услови на училиштата, за подобрување на условите за работа и згрижувањето на учениците во ученичките домови. Инвестирано е и во спортска инфраструктура, а доказ за тоа е дека во Крива Паланка се реконструирани три училишни објекти и еден ученички дом, а ќе се гради и нова училишна спортска сала. Тоа се делата поради кои ја имаме вашата поддршка, рече Ристовски.

Тој нагласи дека разочараноста кај народот е голема бидејќи опозицијата со својата антидржавна политика го потцени.

– Изминатите неколку месеци СДСМ со својата антидржавна политика го потцени народот, сметајќи дека со креирани, сечени, лепени материјали прибавени од странски агентури ќе дојде на власт, но се излажаа, ве потценија зашто вие гледате дека ВМРО-ДПМНЕ  е партија во чиј фокус е Македонија и македонскиот народ, а нашите дела се вистината за Македонија и никој нема право да го окупира терминот „вистина“. Вистината се делата кои вам ви го подобруваат животот, рече во обраќањето пред кривопаланчани Ристовски.

Тој потенцира дека секогаш пред народот ќе излегуваат со максимална отчетност за се што сработиле, а на граѓаните им порача да веруваат во себе зошто само тие се целата вистина и иднината на Македонија.

Сашо Стефановски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот која ги црпи силата, кредибилитетот и идеите токму од народот и токму затоа не се срами да го погледне во очи.

palanka-8500

– Во своите напори да го унапредиме квалитетот на здравствената заштита вложени се над 100 милиони евра во апарати за здравствена дијагностика, Владата инвестираше во инфраструктурата во здравството како никогаш досега. Ги намали цените на лековите и ги отвори своите врати за забелешки бидејќи токму од граѓаните произлегуваат и идеите за некои од големите проекти реализирани во здравството, рече Стефановски.

Тој нагласи дека во Крива Паланка за реконструкција на Здравствениот дом се вложени околу 21 милион денари, донирани се две нови возила со комплетна апаратура за Итната медицинска помош, а во проектот „Наш специјалист“ секоја сабота во Крива Паланка прегледи вршат оториноларинголог и невропсихијатар.

– Стефановски прочита дел од Декларацијата од Советот на Европа која ја потпишаа 49 европарламентарци од 21 земја во која се осудува недемократскиот начин за обид да се дојде на власт од страна на опозицијата во Република Македонија.

– Ние нашата судбина нема да ја дадеме во раце на луѓе кои немаат чувство за државност. Ние ќе го дадеме нашиот концепт кој е позитивен, насочен кон проекти и силна верба во иднината на Македонија. Македонија е една и ние неа ќе ја браниме да ја зачуваме до последниот атом на нашата енергија, додаде Стефановски.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека масовното присуство на трибините е потврда дека граѓаните се заинтересирани за реалниот живот, а не за она што некој го говори и се обидува да го прикаже.

-Трет месец сме соочени со пласирани информации од Зоран Заев и мислење дека народот ќе поверува во она што се говори во сечените, лепени, монтирани, креирани материјали. Наспроти тоа, ние водиме позитивна политика, настојувајќи да дадеме одговор на она што го бара народот – да ги решиме неговите проблеми. Нашиот стил на работа е тимски во интерес на граѓаните, за разлика од Заев кој не е свесен дека е само инструмент на странски служби за остварување туѓи интереси, рече Јанкулоска додавајќи дека целта на Заев не е само да изгради погрешна виртуелна реалност за Владата и Република Македонија, туку тој, како што рече, е директно инволвиран во сценарио за дестабилизација на државата.

– Најжестокиот удар на опозицијата оди токму кон дестабилизацијата на безбедносниот систем. Таа агенда на Заев е да продуцира конфликт меѓу Македонците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите…, каде секој ќе се плаши од секого, а во таква состојба лесно е да се донесат нерационални одлуки. Но, народот е мудар. Тој го прави изборот врз база на сопственото искуство. Она што го цени народот, она со кое ни ја дава, но и ни ја одзема довербата и така се цени дали довербата е заслужена, рече Јанкулоска.

Таа додаде дека најважната порака на ваквите средби е секогаш да се биде со народот, да се слушнат неговите проблеми и да се најде одговор на нивните решенија.

-Силата на ВМРО-ДПМНЕ  е народот, а Република Македонија е многу посилна од она што го проценил Зоран Заев и многу посилна од она што го процениле неговите наредбодатели. Се додека ја имаме вашата поддршка нема зошто да се плашите за иднината на Македонија. Судете по делата, по она што политичарите го направиле за вас како поединец и за доброто на вашето семејство, порача Јанкулоска.

На трибината се обрати и градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски кој ја истакна важноста од соработката на локалната со централната власт.

Рече дека таа е неспорна и народот ја препознава бидејќи од 2009 досега благодарение на таа соработка се реализирани голем број проекти базирани врз принципот на партијата дека ветеното мора да се оствари, а дадениот збор да се одржи.