ФОТО: Мигрантите седнале да јадат и одморат на пругата кога наишла локомотивата

Импровизираното одморалиште на неколку метри од пругата кај Пчиња било кобно за 14 мигранти од Сомалија и Авганистан кои завчера беа покосени од патничкиот воз што налетал на групата од 50 илегалци кои на ова место застанале да јадат и да одморат, објави ДНЕВНИК.

Делови од човечки тела, парчиња од облека, патики и храна и вчера беа расфрлани на пругата Велес- Скопје, на два километра од станицата „Рајко Жинзифов“ во правец на стојалиштето Пчиња. На неколку метри од шините и трагите од трагедијата, на чистинка меѓу дрвјата на почетокот од шумата над пругата има пеплиште од огнови, едното постаро, другото со релативно свежа пепел. Меѓу изгорените дрва и пепел има и исцрнети конзерви од храна, а од другата страна кон пругата има еден чифт фармерки и тексас јакна. Очигледно дека тука се одморале мигрантите на патот кон Скопје, иако чистинката е мала и на неа може да легнат само неколкумина.

Поголема група Сомалијци и Авганистанци завчера вечерта одлучиле на ова место да здивнат од долгиот пат од Гевгелија до Скопје. Под чистинката имаше расфрлано урми, дел згазени, другите полни и сочни, како што туку да биле извадени од кутијата од стиропор која искината лежи неколку метри подолу. Звукот од сирената на возот кој доаѓал од зад грб ги прекинал во јадењето илегалците, кои најголем дел седеле на шините од внатрешната страна на пругата. Дел стоеле, а дел веќе тргнале кон Скопје. Тие што биле најблиску до експресниот воз не успеале да ја избегнат тешката локомотива, а другите се спасиле од возот скокајќи од левата и десната страна на пругата. Иако сопирал, возот носел с` пред себе уште стотина метри. Телата на прегазените мигранти биле расфрлани од двете страни на шините во должина од 100 до 150 метри од местото на ударот. Само блиските на загинатите останале на местото кое што било премногу темно за да ја видат вистинската слика на трагедијата, а останатите веднаш избегале за да немаат работа со полицијата.

Иако телата на загинатите беа однесени, сликата од овој дел од пругата и вчера десетина часа по несреќата покажуваше каква трагедија се случила. Насекаде имаше расфрлано делови од облека, крвави јакни, но и чисти килоти, патики, векни леб и други остатоци од храна. Меѓу белите крупни камења од колосекот имаше крвави парчиња човечко месо, а големи локви крв с` уште беа влажни на земјата покрај пругата, пишува Дневник.

Повеќе прочитајте на ДНЕВНИК…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.