ФОТО: Мисајловски на увид на дел од капиталните проекти во Кривогаштани

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски заедно со градоначалникот на општина Кривогаштани и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта изврши увид на дел од капиталните проекти што ги реализира Владата во соработка со oпштината.

Мисајловски истакна дека во општина Кривогаштани во моментов се инвестираат околу 80 милиони денари.

Во тек е реконструкција на регионалниот пат од Кривогаштани до Воѓани кој е во должина од 9,5 километри.

Ќе инвестираме 1,1 милион евра за негова реконстукција, досега асфалтирани се околу 4,5 километри или завршени се околу 40% од градежните работи.  Исто така сакам да најавам дека од следната недела ќе започнеме со изградба на дел од канализационата мрежа за населеното место Крушеани, инвестиција вредна 128 илјади евра. Со проектот е предвидено да се изгради пумпна станица и цевковод во должина од 250 метри. Овој проект го реализираме преку Министерството за транспорт и врски во соработка со општината, потенцираше министерот.

Градоначалникот на Кривогаштани посочи дека ова е еден од клучните регионални патни правци, а со неговата целосна изградба дополнително ќе се развие регионот.

Директорот Александар Стојанов изјави дека патот ќе се заврши и пред предвиденото време и потенцираше дека во овој период се работи на повеќе од 10 регионални патни правци, како и на изградба на новите автопатишта.