(ФОТО) Мислешево спектакуларно го пречека Даниел

Над 4.000 фанови му приредија спектакуларен дочек на Даниел Кајмакоски во неговото родно Мислешево, јавува OhridNews.com. Тој не криејќи ги своите солзи, многу пати им заблагодари за поддршката и ги почести со неколку настапи во живо. Исто така дел од присутните имаа можност да се фотографираат и да земат негов автограм.

Иако организацијата на дочекот беше на завидно ниво, лицата кои беа задолжени за обезбедувањето на настанот, ја имаа најтешката задача, бидејќи еуфоријата по Даниел беше огромна и едвај се одржуваше редот во публиката.

EMI_5092Даниел од срце им заблагодари на своите сограѓани, велејќи дека тука се чувствува најубаво.

„Благодарам многу на организаторот за овој прекрасен дочек, за оваа прекрасна торта. Овде и сега ги доживувам најемотивните моменти. Имав повеќе трема пред доаѓањето дома, отколку на финалето на Х-Фактор. Таму бев многу опуштен, а овде помеѓу најблиските, пријателите и своите луѓе имам чувство што не можам да го опишам со зборови, тоа е нешто посебно, едноставно многу прекрасно чувство,“ изјави Даниел пред новинарите.

Тој најави дека во Македонија ќе остане до понеделник и за тоа време ќе се обиде да оствари контакт со што повеќе фанови.

„Моментално зедов малку одмор, за да дојдам дома да се одморам, да ги соберам впечатоците, да ја почувстувам победата, да ја споделам радоста со мојот народ. Ќе бидам до понеделник во Македонија, а за тоа време ќе се обидам да се појавам секаде каде што ќе можам. Сакам да одам во Охрид, во Битола, во Струмица и секаде каде што ќе успеам,“ рече Даниел.

EMI_5242_1Тој најави дека по краткиот одмор се враќа во Белград и започнува со работниот ангажман.

„Ќе започнам интензивно да работам на мојата кариера, сакам максимално да се посветам. Откако ќе се потпишат сите потребни договори, се надевам дека ќе може да ја издадеме првата песна. Жељко Јоксимовиќ ми ја понуди неговата помош и се надевам дека на мојот албум ќе имам една песна од соработката со него. И Кристина Ковач и Кики ми понудија помош, па можеби ќе остварам и некоја соработка со нив. Но се уште ништо не се знае точно и со сигурност, прво треба да се изберат песните, сакам да бидат добри и тоа е најважното,“ објаснува Даниел.

Даниел нагласи дека се уште не се смета за ѕвезда.

„Не се чувствувам уште како ѕвезда, можеби сум популарен победник на Х-Фактор, ама има уште многу работа. Оваа победа треба да се оправда и многу е важно да ја срушиме таа бариера во главите дека победниците на овие натпревари остануваат најуспешни. Многу ми е важно да ја оправдам довербата од фановите и сите кои ме поддржуваат. Па здравје доколку имам успешни песни и концерти тогаш ќе можам да кажам дека сум некоја мала ѕвезда,“ објаснува тој и потенцираше дека со тоа што ќе работи во Белград, не значи дека засекогаш ќе остане таму.

„Јас ќе одам секаде каде што ме води музиката и среќата која ми ја носи музиката. Мислам дека за сите во Македонија е многу важно да го следам тој пат, а каде и да сум, мојот дом и мојата земја ќе биде Македонија,“ завршува Даниел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.