Македонија

ФОТО: Можностите за инвестирање во земјава претставени во Холандија

ФОТО: Можностите за инвестирање во земјава претставени во Холандија

Премиерот Никола Груевски денеска заедно со министерот за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекероски, се обратија на бизнис форум во Хаг, Кралството Холандија.

На бизнис форумот кој се одржа во соработка со Светскиот трговски центар на Холандија и Холандскиот совет за промоција на трговијата, беа промовирани поволностите за инвестирање во Република Македонија и добрата бизнис клима за водење на бизнис во државата.

Премиерот Груевски истакна дека унапредување на бизнис климата и отворањето на работни места е меѓу најважните задачи на Владата, за која цел се спроведоа многу реформи, а тоа беше признаено и од Светската банка во извештајот Дуинг бизнис, кој ја рангираше нашата земја во групата топ 30 држави за водење бизнис во светот. Тој додаде дека на овој извештај во последните 7 години 4 пати сме рангирани меѓу топ 10- те реформатори во светот.

g1

Светската банка ја рангираше државата на третото место по брзината за регистрирање на фирма, за што се потребни 4 часа, а сме на 21 – то место во светот по заштита на инвестиции и на второ место по лесните процедури за плаќање на даноци, изјави Груевски.

Тој истакна дека со цел надминување на хендикепот на мал пазар државата  склучи договори за слободна трговија со сите земји од Европа, и сега кога компаниите доаѓаат да произведуваат, може да произведуваат и извезуваат за 660 милионски пазар, а ваквите добри можности за инвестирање веќе ги искористија големи компании како Џонсон Контрол, Џонсон Мети, Анфенол, Ван хол, Кромберт и Шуберт, Дрекслер Маер, Текнохозе и многу други. Премиерот Груевски ги покани холандските инвеститори да ја посетат  државата и ги упати да разменат искуства со компаниите кои веќе инвестирале во државата.

Министерот Џери Наумоф истакна дека Владата има издвоено околу 400 капацитети од поранешни фабрики кои се погодни за реализација на браунфилд инвестиции, што е дополнителна предност која се нуди на компаниите.

Тоа го искористија неколку големи компании како Џонсон Мети од САД кои одлучија да градат фабрика во слободната економска зона, но не сакајќи да чекаат додека таа се гради 15 до 16 месеци , искористија една таква празна фабрика каде ги сместија своите капацитети со што немаа застој во производството. Тоа е мoжност за сите потенцијални инвеститори, изјави Наумоф.

g2

Директорот за Македонија на тур-операторот од Холандија ТУИ, г-дин Јакис Кријнен истакна дека како резултат на добрата соработка и поддршка од владата постојано расте бројот на туристи кои нивниот тур оператор ги носи во Република Македонија.

-Благодарение на таа поддршка во последните години бројката на туристи од Холандија во Република Македонија е зголемена за 10 пати. Ние сме најголемиот тур оператор од Холандија и работиме со Македонија од 2011 година. Работевме и порано во Македонија во раните деведесетти, но се вративме во 2011 година. Започнавме со само 2000 клиенти туристи  и секоја година го зголемувавме бизнисот, а оваа сезона, 2015 година планираме да обезбедиме околу 11 до 12 илјади холандски туристи во Македонија. Во изминатиот период инвестиравме во туристичките капацитети во Македонија, изградивме хотел, а оваа година градиме нови два. Исто така настојуваме во подобрување на постојната инфраструктура со хотелите со кои соработуваме. Сето ова е возможно заради поддршката од владата затоа што овозможуваат субвенции и така можеме да го зголемуваме бизнисот во Македонија, без тоа ништо од ова не е возможно. Се надевам со таквата поддршка ќе го зголемуваме и развиваме бизнисот и во иднина, изјави Кријнен.

Директорот на холандската компанија Антура која се занимава со производство на семенски материјал и растенија и која започна со изградба на капацитет во Кочани, Иван ван дер Кнап изјави дека уште пред година ипол постоеле планови за инвестирање во Република Македонија, а сето тоа сега се реализира.

-Бевме среќни што можевме да започнеме со изградба на крајот од минатата година и сме задоволни што за 12 месеци сме пред крајот на нашиот проект за изградба на капацитетот. Првите растенија веќе растат во Македонија и веќе стотина луѓе се вработени. Можам да соопштам дека планираме да ја отвориме официјално фабриката на 6 ти мај. Многу сме задоволни што го запазивме временскиот план за реализација на инвестицијата и сме среќни за целата поддршка која ја добивме и што имаме можност да работиме во Македонија. Се надевам уште на многу успешни години работа, изјави Ван дер Кнап.

На маргините на бизнис форумот се потпиша и меморандум за соработка со холандската агенција ПУМ како дел од проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании кој го спроведува Владата како поддршка за домашниот бизнис. Холандската агенција ПУМ располага и нуди консалтинг услуги на експерти за развој и менаџирање на компании и е предвидено во наредниот период најмалку триесетина експерти да ја посетат Македонија нудејќи помош и совети за развој на домашните бизнис компании.