Фото: На 18 локации се садат 2.000 дрвја во Скопје

Градот Скопје и оваа година активно се вклучи во масовната кампања „Ден на дрвото 2014 година“ и организира акции за засадување дрвја на повеќе локации низ градот.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, голем број на членови на Советот на Град Скопје и директорите на јавните претпријатија и официјално ја започнаа акцијата на локацијата по должината на булеварот 8.Септември, на потегот од крстосницата со булеварот Илинден до крстосницата со булеварот Партизански одреди.

Den an drvoto 2014 (1)

– Градот Скопје, јавните претпријатија и средните училишта активно и оваа година ќе се вклучат во акцијата „Ден на дрвото 2014 година“, каде на територијата на Градот Скопје, на вкупно 18 локации ќе бидат засадени 2.000 садници од видовите јавор, јасен, каталпа, платан, кедар, туја, албиција, келерутерија и бреза. Од нив половината се обезбедени од ЈП „Паркови и зеленило“, а другата половина од ЈП „Македонски шуми“. Оваа година акцентот ќе биде ставен на урбаните средини, поточно најголемиот број на садници ќе бидат посадени во урбани средини долж градските булевари, истакна градоначалникот Трајановски.

На локацијата долж булеварот 8.Септември ќе бидат засадени вкупно 150 садници од типот платан.

Во исто време, акции за засадување дрвја се спроведуваат и на 18 други локации меѓу кои и скопската тврдина Кале, на Водно, во дендропаркот, во населбата Драчево, во паркот на бранителите, по должината на булеварите Видое Смилевски Бато, Трета македонска бригада и Киро Глигоров, во заштитениот локалитет „Гази Баба“, кај кружниот тек во Бутел, во средишниот дел на булеварот Словенија, во паркот во општината Сарај и на други локации.

Den an drvoto 2014 (2)

Дополнително, скопските средношколци денеска засадуваат дрвца на локација во Миладиновци.

Над 5 милиони дрвца ќе бидат засадени на површина од 1.107 хектари низ територијата на цела Македонија во рамки на 14. акција „Ден на дрвото- засади ја својата иднина“, што денеска ќе се одржи под мотото „Стоп за катастрофите“.